Бајден со Нетанјаху и кралот на Јордан за потребата од поголема помош за цивилите во Газа

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот, во одделни телефонски разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јорданскиот крал Абдула, ја истакна потребата од поголема помош за цивилите во Појасот Газа, објави Белата куќа.

Бајден ја нагласи потребата да се заштитат цивилите и да се одвои населението од Хамас како клучно, што вклучува коридори кои ќе им овозможат на луѓето безбедно да се повлечат од областите кои се дефинирани како места на борбени судири, објави Белата куќа.

 

Бајден му рекол на израелскиот лидер дека „итно е потребна многу повеќе помош“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен уште еднаш во четвртокот ја проблематизираше положбата на цивилите во Појасот Газа. Рече дека сè уште постои јаз меѓу намерите на Израел да ги заштити цивилите и вистинските резултати на теренот во палестинската енклава.

„Вашингтон редовно разговара за заштитата на цивилите со Израел и тоа останува императив“, рече Блинкен на прес-конференција во Вашингтон по средбата со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.

Во четвртокот израелската армија остави зад себе уште стотици Палестинци мртви во борбите, како што тврди Израел, против милитантите на Хамас во најголемите градови на Појасот Газа, додека речиси два милиона раселени жители на Газа бараат безбедно засолниште во услови на критичен недостиг од храна и засолниште, пренесува Reuters.

Жителите пријавија тешки борби источно од Кан Јунис, најголемиот град во јужниот дел на Појасот Газа, а палестинските здравствени власти соопштија дека тројца жители на енклавата биле убиени во израелски воздушен напад врз куќа во Деир алБалах во центарот на палестинската територија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.