Бајден тврди дека Русија сѐ уште се меша во изборниот процес на САД

Кандидатот за претседател на САД Џо Бајден изјави дека добива редовни разузнавачки брифинзи, на кои му било кажано дека Русија ги продолжува обидите за мешање во претстојните избори во земјата.

„Знаеме од претходно и ви гарантирам дека знам сега, бидејќи сега повторно добивам брифинзи. Русите сѐ уште се ангажирани во обидите да го делегитимираат нашиот изборен процес. Факт“, изјави Бајден на 17 јули.

Бајден, кој е поранешен потпретседател под претседателот Барак Обама, е кандидатот номиниран од Демократската партија и треба да се соочи со републиканскиот претседател Доналд Трамп на изборите на 3 ноември.

Доколку Бајден победи, треба да ја преземе должноста на 20 јануари 2021 година.

Традиционално, кандидатот на водечката опозициска партија започнува да добива разузнавачки брифинзи пред гласањето за да биде целосно информиран уште првиот ден доколку тој или таа победи на изборите.

Бајден зборувајќи со поддржувачи на онлајн средба за прибирање на финансиски средства, предупреди дека доколку Москва продолжи со напорите за мешање, ќе треба „да плати вистинска цена“ за тоа.

Повеќе американски разузнавачки агенции заклучија дека Москва делувала за да му помогне на Трамп во изборите во 2016 година. Русија ги негираше ваквите тврдења.

Трамп повеќе пати повика на истрага за тоа дали неговиот тим соработувал со Русија во обид за „измама“.

Бајден исто така рече дека Кина спроведува активности дизајнирани „да загубиме доверба во исходот“ од изборите 2020.

Белата куќа не одговори веднаш на барањата за коментар за изјавата на Бајден.