Бајден вети дека ќе се спротистави на „авторитарноста“ на Кина и Русија

Американскиот претседател Џо Бајден вети во четвртокот дека ќе се спротистави на „авторитарноста“ на Кина и Русија и најави дека ќе го прекине пристапот кој неговиот претходник Доналд Трамп го имал кон Москва.

„САД мора да се соочат со напредувањето на авторитарноста, особено со растечките амбиции на Кина и намерите на Русија да ја ослабат нашата демократија“, изјави американскиот претседател Џо Бајден во говорот во текот на неговата прва посета во Стејт департментот како шеф на државата.

„Јасно му кажав на (рускиот претседател Владимир) Путин, на многу поразличен начин од мојот претходник, дека е минато времето кога САД им се покоруваа на агресивните потези на Русија“, тврдеше Бајден пред новинарите.

Кина ја нарече „најсериозен ривал“, но истакна дека САД ќе соработуваат со Пекинг кога тоа е во американски интерес.

„Ќе се спротиставиме на кинеското кршење на економските правила, човековите права, интелектуалната сопственост и тежнеењето кон глобално влијание. Но подготвени сме да соработуваме со Пекинг, кога тоа е во интересот на Америка“, рече Бајден.

Американскиот претседател, исто така, повика и на „завршување“ на војната во Јемен и најави ставање крај на „поддршката“ за американското продажба на оружје на воената коалиција на сунитските исламски земји која ја предводи Саудиска Арабија во јеменската војна.

„Ги јакнеме дипломатските напори кон ставањето крај на војната во Јемен, војна која предизвика хуманитарна и стратешка катастрофа. Таа војна мора да престане. За да ја истакнеме нашата решителност, ја прекинуваме секоја американска поддршка за офанзивните операции во војната во Јемен, вклучително и продажбата на оружје“, рече Бајден.

Истовремено Бајден ги повика генералите во Мјанмар, кои ја соборија цивилната влада на Аунг Суу Кји, „безусловно да се откажат од власта“.

„Мјанмарската војска мора да се откаже од власта коај ја презема“, рече Бајден неколку часа откако Белата куќа најави дека разгледува „насочени санкции“ за воените функционери кои го изведоа државниот удар.

Бајден најави дека има намера осукратно да го зголеми бројот на бегалците кои ќе ги примат САД во однос на нивното историско најниско ниво кое го постави Трамп на крајот од својот мандат во 2020 година.

Согласно ветувањето на кампањата, Бајден ја одреди годишната квота од 125.000 бегалци кои ќе може да влезат во САД во рамката на програмата за доселување, во однос на 15.000 за фискалната година која е во тек.