Бајден „внимателно ги следи“ протестите во Кина

Американскиот претседател Џо Бајден се „информира за она што се случува, внимателно го следи тоа“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, зборувајќи за протестите во Кина.

„Белата куќа се зазема за правото на мирни протести“, рече меѓу другото Кирби на брифингот со новинарите акредитирани во Белата куќа, во врска со несекојдневните протести во Кина поради строгите епидемиолошки мерки и со барања за поголеми слободи.

Но Џон Кирби, кој е портпарол на Советот за национална безбедност, тело во надлежност на американскиот претседател, не се изјасни за содржината на протестите во Кина одговарајќи само дека „тие демонстранти зборуваат за себе“.

Додаде дека „ништо не е променето во нашата (на САД) подготвеност и натаму да имаме отворени комуникациски канали“ со кинеските власти, по неодамнешната средба на американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг на маргините на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.

Двајцата челници во текот на средбата кој требаше да биде момент на попуштање на тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг, декларативно искажаа подготвеност за разговори во некои сфери во кои би можело да соработуваат.

„Сакаме да ги продолжиме тие разговори“, рече во понеделникот Џон Кирби.