Бајден за Брисел е „новата мугра“, Европејците успокоени но не и убедени

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, му предложи во средата на новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден ново основен договор меѓу Европската унија и Соединетите држави, а промената на администрацијата на САД претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен ја нарече „нова мугра“ во меѓусебните односи.

„Денешниот ден е повеќе од транзиција. Денеска е можност за обновување на нашите трансатлантски односи, кои многу пропатија во изминатите четири години. Во текот на овие години светот стана посложен, понестабилен и понепредвидлив“, тврдеше Мишел на пленарната седница на Европскиот парламент во рамките на дискусијата за идните односи меѓу ЕУ и САД.

Парламентарната расправа неслучајно е организирана на денот кога Џо Бајден, протеже на неолибералната струја во американскиот политички естаблишмент, треба да биде инаугуриран во 46-от американски претседател.

„На првиот ден од неговиот мандат, свечено му предлагам на новиот претседател да изградиме нов темелен пакет за посилна Европа, посилна Америка и посилен свет“, рече Мишел.

Истовремено Мишел го покани Бајден на вонредниот самит на земјите членки на ЕУ, кој треба да се одржи истовремено со самитот на НАТО.

Претседателот на Европскиот совет рече и дека двете страни пред себе ги имаат петте приоритети: јакнењето на мултилатералната соработка, борбата против пандемијата на коронавирусот, климатските промени, економското заздравување коешто вклучува дигитална трансформација и здружување на силите за безбедност и мир.

„Европа повторно има пријател во Белата куќа по четирите долги години“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, нарекувајќи го доаѓањето на Бајден „нова мугра“ во САД и истакнувајќи дека ЕУ е подготвена за „нов почеток“.

Фон дер Лејен рече и дека повторното придружување на САД на Парискиот климатски договор, што го најави Бајден, ќе претставува „силен почеток“ на новите трансатлантски односи.

Челничката на ЕК укажа притоа на потребата да се регулираат интернетските гиганти на глобално ниво, истакнувајќи дека „Силиконската долина не може да носи закони“ и дека „новите технологии не може да одредуваата како ќе живееме“.

Но нејасно е засега дали по борбата за ограничувањетоа на моќта на овие компании од страна на Трамп, таквата политика ќе ја продолжи и Бајден, откако компаниите кои ги поседуваат најголемите светски социјалните платформи го ограничуваа републиканскиот претседател на заминување во текот на изборната кампања и во текот на кампањата во која настојуваше да докаже дека претседателските избори од 3-ти ноември му се украдени.

 

Во Европа примирени но не и убедени дека Бајден ќе го запре падот на САД

Фон дер Лејен во средата предупреди и дека по заминувањето на Доналд Трамп, нема да исчезнат неговите приврзаници кои ги поддржуваат. Имено Трамп со освоените повеќе од 75 милиони гласови постави рекорд во довербата којашто ја освоил актуелен американски претседател кој го барал вториот мандат. Тоа укажува на силна поддршка на политиките кои се подолго време присутни во САД, но добија целосна политичка артикуалција со изборот на Трамп.

Од друга страна четирите години владеење на Трамп најмногу досега ја погодиле довербата на жителите на ЕУ во САД. Тоа го покажуваат резултатите од истражувањето кое во 11 земји го спровел Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), паневропски тинк-тенк кој се занимава со истражување на надворешната и безбедносна политика на Унијата.

Според ова истражување, Европејците се примирени со изборот на Џо Бајден за нов американски претседател, но не се убедени во тоа дека тој може да го сопре падот на САД на глобалната сцена. Истражувањето е спроведено во Велика Британија, Германија, Данска, Италија, Полска, Португалија, Унгарија, Франција, Холандија, Шпанија и Шведска.

Иако Европејците во мнозинство го поздравуваат изборот на Џо Бајден, повеќето анкетирани или 51 отсто не го делат мислењето дека САД под Бајден ќе успеат да ги надминат своите внатрешни поделби и оти ќе вложуваат во решавањето на меѓународните прашања, како што се климатските промени, мирот на Блискиот исток, односите со Кина и безбедноста во Европа.

„Кога Џорџ В. Буш (2001 – 2009) беше претседател, Европејците беа поделени по прашањето како Америка треба да ја користи својата моќ. Со доаѓањето на Бајден во Белата куќа тие се поделени по прашањето дали Америка воопшти има моќ“, вели во својот коментар на итражувањето Марк Леонард, основач и директот на ECFR.

Големо мнозинство Европејци сметаат дека Кина ќе ја преземе од САД водечката улога во следната деценија. Тоа мислење го делат дури 79 отсто Шпанци, 72 отсто Италијанци и Португалци, 62 отсто Французи.

Извонредно мал број Европејци веруваат дека САД би интервенирале во нивна полза во случај на воена криза. Само 10 отсто од анкетираните сметаат дека САД се веродостоен партнер кој секогаш ќе ја штити Европа, а најмалку 60 отсто од нив во секоја земја во кое е спроведена анкетата, или 67 отсто во просек, сметаат дека нивната земја не може да зависи од американската поддршка во случај на голема криза.

Две третини од анектираните ја истакнуваат важноста Европската унија да вложува во сопствените одбранбени способности, наместо првенствено да се потпира на САД. А тоа е нешто што често го забележуваше и Трамп, критикувајќи ги европските сојузници за недоволни вложувања во својата одбрана за сметка на големите трошоци на Вашингтон за нивната безбедност.