Бајден: Зеленски вети дека „F-16“ нема да ги користи на руска територија

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во неделата дека од украинскиот претседател Володомир Зеленски добил гаранции дека Украина нема да ги користи американските борбени авиони „F-16“ кои ѝ се ветени од западните сојузници на руска територија.

Бајден за новинарите во Хирошима, на последниот ден од самитот на земјите од групата Г7, рече дека тие авиони ќе бидат користени секаде каде што се руските војници во границите на Украина.

Истакна дека „многу малку е веројатно“ дека авионите „F-16“ ќе бидат користени во каква и да е офанзива на Украина следните седмици, но дека тие им се потребни на Украинците да се бранат од руските напади.

Челниците на земјите од Г7 во неделата објавија дека нема да се откажат од поддршката за Украина, со предупредување за рускиот претседател Владимир Путин, откако Зеленски прво потврди па негираше дека руските сили целосно ја преземале контролата над источниот град Бахмут.

Американскиот претседател додаде за новинарите дека авионите не би ѝ помогнале на Украина во борбите за Бахмут, но дека би можеле да „направат голема разлика за она што следува“.

Бајден на крајот од тридневниот собир во Хирошима најави нова скапа, во износ од 375 милиони долари, воена помош која вклучува артилерија и оклопни возила.

Американскиот претседател претходно на другите челници на самитот им кажа дека Вашингтон ги поддржува заедничките програми за обука на украински пилоти на „F-16“, иако сојузниците сѐ уште не изнесоа никакви конкретни податоци за испораката на овие борбени авиони.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони кусо коментираше дека нејзината земја не поседува такви летала, а германскиот канцелар Олаф Шолц не очекува, како што рече, наскоро да ѝ бидат испорачани модерни борбени авиони на Украина, тој нагласи дека планот за обука на пилоти ја покажува посветеноста на Западот кон Украина.

„Проектот (што го покренаа британскиот премиер Риши Сунак и холандскиот Марк Руте) првенствено е порака до оние кои ја нападнаа Украина: Русија не треба да се коцка дека нејзината поддршка за Украина ќе се намалува како што војната продолжува. Пораката останува: Русија мора да ги повлече своите сили“, посочи Шолц.

Зеленски во неделата рече дека е убеден дека Киев ќе ги добие авионите, по повеќемесечното лобирање. Бајден, пак, за новинарите изјави дека со украинскиот колега разговарал за тоа прашање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.