Баер испушти 2:0 кај Келн

Фудбалерите на Баер Леверкузен можеа да ја остварат шестата победа сезонава во Бундеслигата, но на крајот мораа да се задоволат со 2:2 кај Келн во натпреварот игран во неделата во рамките на деветтото коло на германското првенство.

За само три минути, во 15 и 17 минута, Баер дојде до предност со погодоците на Патрик Шик и Карим Белараби. Потоа гостите се определија за чување на водството, што им се одмазди во вториот дел кога Антони Модеста постигна за Келн два погодока, во 63 и 82 минута, за израмнување.

Баер остана на четвртото место со 17 бодови, два помалку од третопласираниот Фрајбург, вторпласираната Борусија Дортмунд има 21 а водечкиот минхенски Баерн 22 бода. Келн со 13 бодови е на осмата позиција.

И Унион Берлин беше пред освојвуање на трите бода кај Штутгарт, но потклекна во самата завршница. Гостите поведоа во 31 минута преку Таиво Авонији, а од 57 минута имаа и играч повеќе откако поради два жолти картона домашните останаа без Атакан Каразор. Но Вахид Фагир во третата минута од судиското продолжение му го донесе второто реми во низа на Штутгарт

Унион Берлин испушти шанса за напредување на табелата, остана петти со 16 бодови, а Штутгарт е 13-ти со 10 бодови или четири повеќе од опасната зона.

Бохум ја оствари третата победа сезонава и со 2:0 го совлада Ајнтрехт, со погодици постигнати на почетокот од дуелот во 3 минута на Дани Блум и на крајот во втората минута од судиското продолжение преку Себастијан Полтер.

Бохум и Ајнтрахт сега ги сменија позициите на првенствената табела и се 14-ти и 15-ти со десет односно осум бодови.