Баер славеше во Менхенгладбах, Аугсбург потклекна во Дортмунд

Фудбалерите на Баер од Леверкузен продолжувањето на сезоната во германската Бундеслига го отворија со победата од 3:2 на гостувањето кај Борусија во Менхенгладбах.

Сметајќи го и крајот на првиот дел од сезоната, ова е четвртата првенствена победа на Баер во низа со којашто сега со 21 бод е на деветтото место на табелата, а Борусија М со бод повеќе е една позиција погоре.

Баер по првото полувреме имаше предност од два гола, преку Микаел Бакер во 21 и Амине Адли во 43 минута. „Аптекарите“ во 67 минута дојдоа до решавачката предност со голот на Надием Амири. Ларс Штиндл во финишот со два погодока во 82 и третата минута од судиското продолжение на мечот ја спаси Борусија М од убедлив домашен пораз.

Претходно во неделата одличен натпревар во Дортмунд одиграа домашната Борусија која на крај со 4:3 го совлада Аугсбург.

Во првото полувреме Борусија двапати беше во водство, но гостите брзо се враќаа од заостанувањето. Џад Белингем ги доведе „Милионерите“ во водство во 29 минута, но гостите израмнија во 40 минута со голот на Арне Мајер. Само две минути подоцна домашните повторно дојдоа во водство преку Нико Шлотербек, а во првата минута од судиското продолжение на првиот дел повторно израмни Ермедин Демировиќ.

Мечот беше решен во последните 15 интензивни и возбудливи минута од дуелот. Борусија по третпат дојде во водство во 75 минута со голот на Џејми Биное-Џитенс, но веќе следната минута Аугсбург повторно израмни преку штотуку влезениот во игра Давид Чолина, кој дебитираше во германското првенство откако во зимскиот преоден рок дојде од сплитски Хајдук. Сепак, Борусија ги освои бодовите, откако во 78 минута со одличен удар откосо од врвот на шеснаесетникот погоди Џовани Рејина.

Борусија Дортмунд се искачи на шестото место со 28 бодови, а Аугсбург со 15 бодови е само место над зоната на испаѓање.

На врвот на Бундеслигата е актуелниот првак минхенски Баерн со 35 бодови, пет бодови пред Ајнтрехт од Франкфурт и Унион Берлин.