Баерн ја растури Борусија Дортмунд

Во натпреварот на сезоната во германската Бундеслига во саботата во рамките на 28-то коло актуелниот шампион Баерн Минхен на домашен терен со 5:0 го потопи досега водечкиот тим Борусија Дортмунд искачувајќи се на чело на табелата.

Во пресрет на 120-то издание на дербито „Дер Класикер“, Баерн имаше два бода помалку и немаше право на кикс, доколку сакаше со предност да влезе во пресрет на самата завршница на првенството. Медиумите пишуваа дека раководството на „Баварците“ го интересира само победа и оти во случај на неуспех тренерот Нико Ковач ќе мора да си замине, а тој досега немаше забележано ниеден успех против Борусија во германското првенство. Неговиот тим го одигра можеби најдобриот меч сезонава и уште во првото полувреме постигна четири гола. Стрелци на мечот беа Матс Хумелс во 10, Роберт Левандовски во 17 и 89, Хави Мартинез во 41 и Серж Гнабри во 43 минута.

Борусија прва се закани во 6 минута кога по брзата контра стативата ја погоди Махмуд Даут. Набрзо по четири минути домашните возвратија кога по корнерот изведен од Тиаго, Хумелс со глава погоди за 1:0. Седум минути подоцна веќе беше 2:0, кога Ден Загаду му подари топка на Левандовски кој ги префрли голманот Бурки и потоа шутираше во празната мрежа. Ураганскиот налет на Баерн со третиот гол во 41 минута го круниса Мартинез, со гол од работ на шеснаесетникот. Фантастичните 45 минути на домашните во самата завршница од првото полувреме со гол со глава за 4:0 ги круниса Гнабри. Во второто полувреме Баерн ги намали интензитетот на играта а во последните моменти од мечот со својот 21-ви погодок сезонава Левандовски го постави конечниот резултат 5:0.

Баерн сега е во водство на табелата со 64 бодови, бод повеќе од Борусија Дортмунд.

Вредна победа на гости оствари РБ Лајпциг кој со 4:2 беше подобар од Баер Леверкузен. Лајпциг двапати беше во заостанување, но на крајот дојде до убедлива победа во битката за место кое води во Лигата на шампионите. Головите за гостите ги постигнаа Марсел Забитцер во 17, Тимо Вернер во 64, Емил Форсберг од пенал во 71 и Матеус Куна во 83 минута, а гостите поведоа во 11 минута кога пенал реализираше Каи Хаверц а потоа погоди од игра и во 23 минута.

РБ Лајпциг сега е на тратата позиција со 55 бодови, осум помалку од Борусија Д, а три повеќе од франкфуртски Ајнтрахт. Баер Леверкузен падна на осмото место со 42 бода, три помалку од шестиот Волфсбург кој го држи последното место кое води во Европската лига.

Ајнтрахт, исто така, извојува гостинска победа, од 2:1 кај Шалке 04. Гостите поведоа во 13 минута преку Анте Ребиќ, домашните израмнија во 21 минута со голот на Суад Сердар а значајната победа на тимот од Франкфурт му ја донесе Лука Јовиќ кој реализираше пенал во деветтата минута од судиското продолжение. Ајнтрахт е четврти со 52 бодови, а Шалке е 14-ти со 26 бодови, пет повеќе од 16-от Штугарт, на позицијата од која се игра плеј-оф за опстанок.

Волфсбург со 3:1 го победи фенерџијата Хановер. Гостите поведоа со голот на Хендрик Вејданд во 30 минута, но домашените по само две минути израмнија преку Ренато Штефен. Истиот играч во 71 минута направи целосен пресврт во полза на домашните, а победата ја потврди по седум минути Жером Русијон. Волсфбург има 45 бодови и е шести на табелата од позиција од која ќе игра во квалификациите за Европската лига, два помалку од Борусија Менхенгладбах која има меч помалку а од петтата позиција оди директно во европското натпреварувње. Хановер е последен 18-ти со само 14 бодови и во преостанатите осум кола би требало да намали заостанување од најмалку седум бодови за да игра во плеј-офот за опстанок.

Штутгарт во 75 минута преку Озан Мухамед Кабак израмни на дуелот со Нирберг кого во водство во 42 минута го донесе Матеус Переира. Штутгарт и по ова коло е 16-ти со 21 бод, четири помалку од Аугсбург на 15-то место кое гарантира опстанок и исто толку повеќе од 17-от Нирберг кој директно оди во втората лига.

Гостинска победа во саботата забележа Фортуна од 2:1 кај берлинска Херта. За домашните стелец беше Марко Грујиќ во 41 минута, а гостите победија благодарејќи на двата погодока на Бенито Раман во 35 и 61 минута. Фортуна е 10-та со 37 бодови, и ја мина Херта која остана место подоли со 35 бодови.

Во петокот вечерта Мајнц со 5:0 го демолираше Фрајбург, а во недела се играат дуелите Аугсбург – Хофенхајм и Борусија Менхенгладбах – Вердер.