Баерн (М) најпосле ја почуствува горчината на поразот

Се што е убаво има крај, па дури и победничката серија на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Баерн (М).

По пауза од 18 месеци, старо-новиот шампион на Германија доживеа пораз во германската Бундес лига и тоа во дуелот против локалниот ривал, екипата на Аугсбург.

Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 31 минута беше дело на робусниот напаѓач, Саша Молдерс, кој ја прекина серијата на Баерн (М) од 54 натпревари по ред без пораз.

Само еден бод на незгодното гостување во Бремен освоија фудбалерите на Шалке кои грчевито се борат за втората позиција на табелата и директен пласман во групната фаза од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Денеска ќе се одиграат последните два натпревара од 29. коло во германската Бундес лига.

Далеку поголемо внимание ќе привлече дуелот помеѓу локалните ривали Брауншвајг и Хановер, а голема борба се очекува и на дуелот помеѓу екипите на Херта од Берлин и Хофенхајм.

Резултати: Аугсбург – Баерн М. 1:0, Вердер – Шалке 1:1, Ајнтрахт – Мајнц 2:0, Штутгарт – Фрајбург 2:0, Нирнберг – Борусија М. 0:2.