Баерн му се придружи на ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите

19 August 2020. EPA-EFE/Franck Fife / POOL

Фудбалерите на минхенски Баерн по 11-ти пат ќе играат во финалето на Лигата на шампионите откако во средата вечерта во полуфиналето на лисабонскиот стадион „Жозе Алваладе“ го совладаа францускиот претставник Олимпик Лион со 3:0.

Двата погодока со кои Баварците по половина час игра дојдоа до сигурна предност од 2:0 ги постигна Серж Гнабри. Во 18 минута од работ на казнениот простор со силен удар го погоди горниот десен агол од голот на Лион, а во 33 минута го поправи двојното промашување на Роберт Левандовски, кога топката одбиена од противничкиот голман Лопез во небранетата мрежа.

Гнабри со тоа стана вториот германски фудбалер кој постигнал два погодока во полуфинален меч на Лигата на шампионите. Првиот Германец со вакво остварување беше Томас Милер во сезоната 2012/13. Гнабри инаку има постигнато девет голови во сегашната сезона од Лигата, и е втор најефикасен германски играч во една сезона. Лидер е Марио Гомез кој постигна 12 погодоци во сезоната 2011/12 година.

Лион настојуваше да игра отворено во обидот да оствари историско француско финале во најелитното континентално натпреварување, но сепак доминацијата на германската екипа во 88 минута ја потврди Левандовски со удар со глава.

Баерн и Лион играа по деветти пат во Лигата на шампионите, а клубот од Минхен ја оствари петтата победа, двапати триумфираше Лион, а уште два дуела завршија без победник. Последен пат двата клуба се соочија во сезоната 2009/10, осто така во полуфиналната фаза, а во двомечот со вкупен резултат 4:0 беше подобар Баерн. Лион веќе трипати во историјата стасува до полуфиналето во ЛШ што е најдоброто остварување на меѓународната сцена.

Финалниот дуел во Лигата на шампионите е на распоред во недела на 23-ти август, со почеток во 21 час на стадионот на лисабонска Бенфика. Единствен пат кога екипи од Германија и Франција се сретнале во големото финале беше во 1976 година кога Баерн со 1:0 го совлада Сен-Етјен.

Скапиот и амбициозен тим на ПСЖ првпат во историјата ќе игра во Лигата на шампионите, а досега од француските тимови само Олимпик Марсеј во 1993 година триумфираше во главното натпреварување во Европа. Вкупно во финалните мечеви на ова натпреварување играа шест екипи од Франција: Ремс во 1956 и 1959 година, Сен-Етјен во 1976, Марсеј во 1991 и 1996-та и Монако во 2004 година, а ПСЖ ќе биде седмиот.

Баерн е петкратен освојувач на трофејот во Лигата на шампионите. Баварците последен пат победија во финалниот дуел во 2012/13 година кога ја совлада Борусија Дортмунд со 2:1.