Баерн рутински до победата во Берлин

Лидерот на германското фудбалско првенство минхенски Баерн во неделата во рамките на 26-то коло од Бундеслигата забележа сигурна победа од 2:0 на гостувањето кај Унион Берлин.

Бундеслигата е првата од најсилните европски лиги кои го продолжуваат натпреварувањето прекинато поради пандемијата на коронавирусот пред два месеца. Првенството продолжи во саботата со првите шест натпревари, а во неделата на распоредот беа два меча, додека последниот се игра во понеделник кога се среќаваат Вердер и Баер Леверкузен. Сите дуели се играат пред празни трибини.

Баерн не брилјираше на гостувањето во Берлин, но два погодока беа доволно за победа против Унион. Домаќините добро се држеа до 40 минута, кога Невен Суботиќ со невнимателен старт го собори Леон Горетцка во својот казнен простор. Сигурен реализатор на најстрогата казан беше водечкиот стрелц во лигата Роберт Левандовски, кому ова му беше 26-от гол сезонава. Победата на Баерн ја потврди Бенјамин Павард во 80 минута, погодувајќи со глава по корнерот кој го изведе Џошуа Кимих.

Во првиот неделен натпревар Келн и Мајнц одиграа 2:2, откако домашните испуштија водство од 2:0. Келн поведе веќе во 6 минута со голот на Марко Ут од пенал, а водството го удвои Флоријан Кајнц во 53 минута. Намали Таиво Авоњи во 61 минута, а израмни Пјер Малонга во 72 минута, по одличниот солопродор речиси од центарот на игралиштето.

Ова беше првиот домашен натпревар на Келн без клупската маскота јарецот Хенес IX по 12 години. Строгите социјално-санитарни прописи кои се воспоставени по рестартирањето на Буднеслигата забрануваат маскоти на стадионите ширум земјата.

Траба да се одбележи дека пред мечот дел од навивачите на Келн протестираат против одигрувањето на натпреварот во текот на епидемијата. Зградите во близина на стадионот беа излепени со плакати на коишто пишуваше „Нашите пари се поважни од нашето здравје“ и „Бундеслига – по секоја цена“.

На табелата води Баерн Минхен со 58 бодови, втора е Борусија Дортмунд со четири бодови помалку, трета е Борусија Менхенгладбах со 51 а РБ Лајпциг е четврти со 51 бод.

Унион Берлин е 12-ти со 30 бодови, Келн е десетти со 33 а Мајнц е 15-ти со 27 бодови, четири повеќе од зоната која води во понизок ранг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.