Баерн се извлече кај отпишаниот Нирнберг, не се одлепи од Борусија

Во последниот меч од 31-то коло на германската Бундеслига, водечкиот Баерн во неделата на гости кај претпоследниот Нирнберг одигра само 1:1 избегнувајќи пораз откако домашните во судиското продолжение не реализираа пенал и не успеа позначајно бодовно да се одлепи од вторпласираната Борусија Дортмунд која во саботата беше декласирана од Шалке 04.

Нирнберг поведе со голот на Матеус Периер во 48 минута, а израмнувањето на Баерн му го донесе Серж Гнабри во 75 минута, но во првата минута од судиското продолжување домашните не успеаја да погодат од белата точка, Тим Леиболд ја погоди стативата. И Баерн имаше можност за погодок, но во петтата минута од продолжението Кингсли Коман во контранапад излезе сам пред домашниот голман но биеше директно во него.

Баерн сега има 71 бод, два повеќе од второпласираната Борусија Дортмунд која во саботата на домашен терен со 2:4 беше поразена во „Рурското дерби“ од Шалке 04. До крајот на првенството Баерн ќе игра дома со испаднатиот Хановер и на гости со третопласираниот РБ Лајпциг и во последното коло го дочекува сега четвртиот Ајнтрахт од Франкфурт. Борусија Дортмунд гостува кај деветтиот Вердер, потоа ја дочекува десеттата Фортуна Диселдорф и во последното коло гостува кај петтата Борусија Менхенгладбах.

Хофенхајм дома загуби со 1:4 од Волфсбург. Домашните поведоа во 9 минута со голот на Адам Салаи, а во 15 минута можеа да го удвојат водството, но Андреј Крамариќ од пенал ја погоди само стативата. Пред крајот на полувремето Бразилецот Вилијам му донесе израмнување на Волфсбург, а во второто полувреме следуваше потоп на домашните, два гола постигна Вут Вегерхорст во 69 и 88 и еден на Максимилијан Арнолд во 85 минута.

Хофенхајм остана на 50 бодови и пропушти голема можност да ги мине Баер Леверкузен и Борусија Менхегладбах кои ги држат петтото и шестото место на табелата кои водат директно односно во квалификациите за Европската лига, а Ајнтрахт е четврти со 54 бодови и оди во Лигата на шампионите. Волфсбург, пак, со победата се искачи на осмото место со 49 бодови, со што ја прави неизвесна битката за пласман во европските купови во последните три кола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.