Баерн во продолжението го совлада Фрајбург

Во средбата од 16-то коло на германското фудбалско првенство, минхенски Баерн со тешки маки го совлада на гости Фрајбург со 3:1, со два погодока во судиското продолжение на мечот.

Баварците поведоа во 16 минута со голот на Роберт Левандовски, а израмни Винченцо Грифо во 58 минута. Домашните до судиското продолжение имаа важен бод в рацете, но актуелниот шампион со головите на Џошуа Цирзе во втората и Серж Гнабри во петтата минута од продолжението ги земаа сите три бода.

Борусија Менхенгладбах го победи „фенерџијата“ Падеборн со 2:0, и на врвот се израмни со водечкиот РБ Лајпциг. Победата на домашните им ја донесоа Алесана Плеа во 46 и Ларс Стиндл во 67 минута од пенал.

Волфсбург и Шалке одиграа 1:1, Херта на гостивњето со 1:0 го победи Баер Леверкузен, а Келн освои важни бодови за прволигашки опстанок победувајќи го во Франкфурт домашниот Ајнтрахт со 4:2, и тоа откако домашните имаа водство од 2:0.

На табелата водат РБ Лајпциг и Борусија Менхенгладбах со по 34 бодови, додека Баерн и Борусија Дортмунд имаат по четири бодови помалку.