(ВИДЕО) Копаат песок багерите на Нефи Усеини за неговата бетонска база која требаше да се урне

Механизација во сопственост на охридскиот советник Нефи Усеини копа песок од литоралот, односно крајбрежјето, за потребите на неговата бетонската база, тврдат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, преку објава на нивната фејсбук-страница.

Како што посочуваат од иницијативата, локацијата каде што се копа е во близина на базата.

Граѓанинот кој го снимил видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, а како што додаваат од „Охрид СОС“, добил вербални закани. Механизацијата, според иницијативата, немала никакви обележја од фирма.

-До кога Зоран Заев како Претседател на Влада и Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид ќе го толерираат нивниот коалиционен партнер Демократската унија за интеграции и нивниот локален експонент Усеини, кој моментално е во притвор откако СВР Охрид поднесе кривична пријава против него за кривичните дела ‘насилство’ и ‘неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали’ и со денови беше во бегство? Како може советник во Општина Охрид да биде лице на кое е поднесена кривична пријава за сериозни прекршоци и кое ѝ бегало на правдата и службите на прогонот? Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината?, прашуваат од граѓанската иницијатива.

Тие до властите порачуваат дека ако тврделе дека сега ќе делуваат чесни и способни кадри, треба уште денеска да го запрат дивото копање езерски песок од крајбрежјето, да ги казнат физичките и правните лица кои го правеле тоа, да ја затворат бетонската база и да наложат нејзино демонтирање и рушење, пишуваат од „Охрид СОС“.

-Ако на почеток Усеини побарал сам да го стори тоа, а се покажа дека само излажал и купувал време, сега најдете фирма која ќе го стори тоа. Не чекајте, ако „Македонија Пат“ ќе ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата Влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот, велат од иницијативата.

Оттаму ги повикаа и охрабрија граѓаните да го следат примерот на граѓанинот кој го снимил видеото.

-Да снимаат, да фотографираат, да реагираат до институции, медиуми, да бидат активно вклучени, да ги следиме сите девијации и пропусти кои се случуваат и да покажеме дека #ТиМожешСѐДаСмениш, порачуваат од иницијативата.