Бајден во обид да му ги преземе синдикатите на Трамп

SAUL LOEB/AFP/Getty Images)

Поранешниот американски потпретседател Џозеф Бајден во понеделникот, во својот прв јавен настап откако ја објави својата претседателска кандидатура, јасно покажа дека е подготвен за судир со претседателот Доналд Трамп околу поддршката на синдикатите на индустриските работници кои беа клучните гласачи во победата на Трамп во 2016 година.

Говорејќи пред работниците во Питсбург, Бајден, како што оценуваат американските медиуми, не се осврнал на напорните избори во неговата Деморкатска партија, туку веднаш најавил директен судир со Трамп на изборите во ноември 2020 година.

„Јас не давам извинувања, јас сум синдикалист. Оваа земја не ја изградија банкарите на Волстрит, директорите и менаџерите, ја изградивте вие“, порачал Бајден пред собраните меѓу кои биле членови на синдикатите на возачите, на металопреработувачите, пожарникарите и учителите.

Седумдесет и шестгодишниот Бајден, кој беше потпретседател во двата мандата на Барак Обама, во својот говор ги повторил сличните тези кои ги застапуваат и другите демократски кандидати, тврдејќи дека растот на американската економија оди во полза само на богатите на штета на средната класа и на сиромашните,

„Сите тоа го знаат. Средната класа е на маки. Пазарот на акции расте, а вие тоа не го чувствувате“, рекол Бајден.

Претходно во понеделникот Бајден доби поддршка од Меѓународното здружение на пожарникарите, кои се фалат со членство од 300.000 луѓе. Бајден, инаку, во трката за претседателската номинација и потоа во директната претседателска трка смета на поддршката на работничките синдикати.