Балканските (битолските) Ромео и Јулија

Пред да почнам со пишување на денешната колумна, само потсетување за претходната колумна за оние што ме пратат редовно, објавена на НетПрес на 7 март со наслов „Охрид и УНЕСКО!“. Деновиве беше пратен извештајот пред Комисијата на УНЕСКО и мислам дека и самите можевте да се уверите дека сето она што го имав напишано во колумната испадна дека е точно. Да скратам, извештајот испратен од страна на Министерството за култура до УНЕСКО, од скоро сите медиуми и интернет портали, цитирам е буквално лажен, а каква одлука ќе добиеме од самата Комисија ќе видиме во иднина и толку за тоа.

Како туризмолог, но пред вас мои драги читатели, сега како и писател, сакам да истражувам, да анализирам и реално да ви ги претставам сите доживувања или случки во моите трудови/колумни. Овој пат на ред е Битола, нашата надалеку позната по онаа „Ако одам во (Бабан) Битола“, она бабан е мој слоган во песнава.

Инаку Битола е најопеаниот град на Балканот, но битолчани се согласуваат дека само две песни можат да се најдат како химни на градот. Првата е „Битола мој роден крај“ од сега покојниот песнописец Ајри Демировски, а со неа по својата бесмртност единствено може да се спореди само хитот „Ако одам во Битола“, направена уште далечната 1988 година со музика и текст на Петар Георгиев Калица.

Битола – град во југозападниот дел на Македонија и седиште на истоимената Општина Битола, административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за тој дел од земјата. Градот е познат под името „град на конзулите“, бидејќи тука се наоѓале конзуларните претставништва на европските земји во времето на Отоманското Царство, каде заедно со Солун бил најважно место во европскиот дел на Империјата. Во периодот 1864 — 1912, Битола бил главен град на Битолскиот вилает, еден од трите вилаети во регионот Македонија.

Денес Битола е со најголем негативен природен прираст во земјата. Толку за Битола. Битола е град на еден од најпознатите и најубавите археолошки наоѓалишта Хераклеа Линкестис. Формиран е во средината на IV век п.н.е. од страна на Филип II Македонски, таткото на големиот наш Александар Македонски, како важен стратешки пункт и дел од одбраната на тогашната Македонија. Со доаѓањето на Римјаните во средината на II век, градот доживува голем просперитет. Тоа се должи, пред се’ на изградбата на патот Via Egnatia на кој што овој град бил важна станица. Инаку градот егзистира повеќе од еден милениум.

А, како е денес во нашето време и постоење.

Мозаиците во епископската резиденција на локалитетот Хераклеа Линкестис немаат некој пообемен конзерваторски зафат уште од шеесеттите години од минатиот век, уште од времето на бившата Југославија. Како последица на тоа денес дел од мозаикот е пропаднат и после секој поголем дожд останува под вода и тоне се повеќе и повеќе. Неговата афирмација ја нема воопшто. Во најдобрите години имало и по 25.000 туристи годишно. Таа бројка, денеска, е едвај од неколку илјади посети. Толку за ова.

Најважната и најубават приказна за Битола ја кажува и самиот наслов на мојата колумна, Балканските т.е. битолските Ромео и Јулија, љубовната приказна на Елени Каринте и Кемал Ататурк, таткото на Турција. Предизвиците за една забранета љубов. Нејзината прва средба со Мустафа била кога таа имала само десет години. По некоја случајност, младиот Кемал се нашол во огромната куќа на Каринтиеви на некоја богата прослава. Елени пред него засвирела на домашниот клавир за да покаже што ја научиле француските учителки коишто ѝ држеле часови по пијано. Кемал се враќа во Истанбул за да го продолжи своето образование на Воениот колеџ со еден убав спомен и мелодија која одѕвонува. Седум години подоцна, Кемал се враќа во Битола за да раководи со Воената Гимназија. Еден ден, на балконот од куќата во која бил пред седум години ја здогледал Елени. И меѓу нив се раѓа големата љубов. Но, тогашните (јас би рекол и денешните) општествени и морални норми никако не одобрувале врска меѓу христијанка и муслиман, но Елени сепак побегнала за Кемал. Богатото семејство Каринте успева да ја врати Елени дома и да ја спречи таа голема љубов. Кемал пак, се враќа во родната Турција. Станал прв претседател на Турција, творец на модерната турска држава, поради што го добил името Ататурк – татко на нацијата. Ататурк и Каринте не се сретнале никогаш повеќе. Останало само писмото кое Елени му го напишала на својот сведок, како сведок на една тажна љубов…

А, како е денеска во Битола во чест на оваа голема љубов? За жал денеска балконот на Елени Каринте е грда слика за Битола. Под него е отворена обложувалница, а туристите се мачат да го сликаат балконот… оние туристи, посебно турските кои во Македонија и во Битола, последниве години, го сочинуваат најголемиот број на туристи и посетители, кои буквално доаѓаат заради оваа приказна во Битола, и каде е снимена и позната серија „Збогум Румелија“ за која преговаравме макотрпно 2007 година да биде снимена во Битола градот на првиот филм на Балканот од браќата Манаки. Примерите погоре кажуваат колку е вредносна оваа Влада денеска за грижата на културата и туризмот воопшто.

Битола има со што да се пофали пред домашните, но и пред странските гости. Но, државните институции како да не го сакаат тоа воопшто, посебно делот на културата, не вреднуваат ништо што е вредно и културолошки значајно за државата. И онака се срамат од името Македонија, зарем очекувате дека ќе се срамат од негрижата за културата?

За крај ќе завршам со едел дел од самото писмо на Елени до Кемал:

„Татко ми никогаш не ми прости. Ни јас нему. Неколку дена пред да умре ме викна кај себе и ми рече: Знам дека згрешив, но знам и дека никогаш не бев добар татко. Не барам да ми простиш, не барај ни ти! Бог нека ни прости на двајцата. Сакав најдобро, а направив најлошо.
Татко ми не беше лош човек!
Не сум веќе млада и убава како тогаш.
Цел живот во еден ден…“.

Прашајте се драга господо од Власта, дали вам еден ден ќе ви простат вака, вашиот народ, пријатели, културните работници. Дали ќе побарате вие прошка? Знам не сте ни вие лоши луѓе. Такви ве направија и создадоа. Можда еден ден…

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес