Балони и цвеќиња наместо балистички проектили

Илјадници војници придружени со топови и тенкови продефилираа низ Пјонгјанг за прославата од 70-тата годишнина на Северна Кореја, но државниот врв се воздржа од прикажување на интерконтинентални балистички ракети,поради кои добија бројни меѓународни санкции, а наместо нив во дефилето вклучија балони и цвеќиња.

Според аналитичарите, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун го ублажи тонот кога станува збор за прикажувањето на воениот арсенал после самитот со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Десетина воени возила, тенкови, топови и ракетни лансери, заедно со илјадници војници од сите родови на армијата парадираа во центарот на престолнината пред маса луѓе кои ги поздравувале, а Ким парадата ја набљудувал од балкон на кој друштво му правеле високи претставници. Меѓу нив бил и Ли Јанш, специјален пратеник на кинескиот претседател Си Џинпинг, со кој Ким заедно ги подигнал рацете во воздух на крајот на парадата.

Народна демократска Република Кореја, како е официјално име на земјата, беше прогласена на 9 септември 1948 година, три години откако Вашингтон и Москва го поделија полуостровот од последните денови од Втората светска војна.