Балотели со гол се врати во репрезентацијата

Контроверзниот италијански фудбалер Марио Балотели со гол се врати во репрезентацијата во првиот натпревар на „азурите“ под водство на новиот тренер, Роберто Манчини. Така популарниот „Супер Марио” на најдобар начин му возврати на Манчини за укажаната доверба.

Балотели по четири години одново го облече синиот дрес, но на стадионот во Сент Гален го чекаше навредлив транспарент. Напаѓачот вчера беше стартер во победата од 2:1 против Саудиска Арабија и постигна гол од врвот на шеснаесетникот откако сам си создаде простор за шут.

И додека беше поздравен со аплауз за залагањето на теренот, тој доби и расистички навреди. На стадионот во Сент Гален имаше поставено транспарент на кој пишуваше: „Мојот капитен има италијанска крв“, што е реакција на дел од фановите по најавите дека Балотели би можел да ја добие капитенската лента.
Балотели немаше настап за репрезентацијата на Италија од Светското првенство во 2014 година.

По натпреварот, Балотели изјави дека е задоволен од својот настап, а голот го посветува на прерано починатиот фудбалер на Фиорентина, Давиде Астори.

Знам дека сега веќе е доцна и да си негде далеку, но убеден сум дека ме гледаш одозгора заедно со мојот татко. Овој гол иако не претставува ништо и на никому не значи, јас тебе ти го посветувам, напиша Балотели на социјалните мрежи.

Италија нема да биде дел од Мундијалот на Русија, па Роберто Манчини сега треба да ја подготви репрезентацијата за новиот квалификационен циклус и за претстојната Лига на Нации.