Балотели возбуден поради Сидорф и најави поддршка за Сити

Најголемата ѕвезда во дресот на италијанскиот калчо гигант Милан, Марио Балотели, откри дека е многу возбуден поради можноста да работи со легендарниот репрезентативец на Холандија, Кларенс Сидорф, кој од пред неколку дена е именуван за нов тренер на седумкратниот европски клупски шампион.

„Точно дека бев многу разочаран кога слушнав дека Алегри добил отказ, но на неговото место дојде Сидорф и многу сум возбуден поради добиената можност да соработувам со овој легендарен фудбалер. Убеден сум дека тоа што го има постигнато како фудбалер на Милан, Сидорф може да ни го пренесе на нас, на неговите фудбалери. Добро е што има победничко искуство, што има победничко минато”, изјави Балотели.

Репрезентативецот на Италија откри дека со нетрпение го очекува стартот на најинтересниот натпревар во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони, дуелот помеѓу Манчестер Сити и Барселона и додаде дека ќе навива за неговиот поранешен клуб.

Убеден сум дека Сити може да ја елиминира Барселона и се надевам дека ќе успее. Имам многу добри пријатели кои го носат дресот на Сити и нормално дека ќе навивам за мојот поранешен клуб. Сепак, очекувам голема неизвесност и на ’Итихат’и на ’Ноу Камп’”, изјави Балотели.