Баневски: Примерот со „Пелистерка“ е класичен пример за рекет

88

Поранешниот новинар на 1ТВ Христијан Баневски, денеска дава исказ за случајот „Рекет“ како сведок.

– Работев во 1 ТВ уште пред да почне да работи телевизијата. Работев на магазин како новинар во почетокот. Во првиот месец Бојан Јовановски рече да срочам најава за известување дека ќе истражуваме каков е квалитетот на флашираната вода што се продава. Додека уште го најавував тоа, по извесно време почна да се рекламира „Пелистерка“, јас немав информација дали ние сме пратиле мостри од водата на испитување – рече сведокот Боневски.

Тој објасни дека уште додека одела најавата за истражувањето на минералните води во земјава, „Пелистерка“ станала генерален спонзор, па дури и ги повлекла рекламите по другите медиуми за да се рекламира на 1 ТВ. Тој рече дека примерот со „Пелистерка“ е класичен пример за рекет.

Тој посочи и дека му паднало сомнително и кога Јовановски побарал да направи успешна приказна на Главчев и НОЕЛ. Тој прво одбивал, но потоа му „светнало“ кога дознал дека Главчев имал проблеми со Јанева.

„Се запознавме со господинот Главчев, а Бојан ми рече дека почнуваме нов серијал со успешни приказни, и дека првата приказна е со Главчев, со НОЕЛ. Јас не сакав да го направам тоа, затоа што не знаев што навистина се случува. Искрено мислев дека ќе треба да го „переме“ за евентуални криминали, се додека не дознав дека Главчев имал лични проблеми со Јанева, и ми стана јасно која е приказната“, рече Баневски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.