Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Фондот за пензинско и инвалидско осигурување, Беким Незири и претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски одржаа конференција за медиумите на којашто информира за Проектот „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2014 година“.
„Проектот започна да се имплементира од 2010 година и заклучно со 2013 година услугите од овој проект го искористија над 22.000 корисници на пензија”, рече Спасов.
Интересот за овој проект е значителен и од година во година расте, така што во 2013 година 27.000 корисници на пензија поднесоа барања за користење на услугите од бањско климатската рекраеција, а истата ја искористиле повеќе од 5000 лица. Пројавениот интерес којшто корисниците на пензија го искажале со користење на услугите во изминатите години потврдува дека има потребата од продолжување на проектот.
„Верувам на големо задоволство на пензионерите овој проект продолжува да се реализира и во 2014 година, за што се обезбедени средства во Буџетот во износ од 38 милиони денари за дополнителни 5.500 пензионери да имаат можност да ја искористат оваа бесплатна услуга“, потенцираше Спасов.
Заинтересираните пензионери до 14- ти февруари оваа година може да поднесат барање за користење на услугата во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
„Ја користам можноста за да потсетам дека услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември 2014 година, во траење од седум дена и опфаќа шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација”, рече Спасов.
Пензионерите коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација, а трошоците за сместување и исхрана ќе бидат на товар на министерството за труд и социјална политика.
“Сакам да истакнам дека пензионерите кои што ја искористиле оваа услугата во претходните години немаат право да ја користат услугата во 2014 година. На тој начин се остава можност услугата да ја користат останатите пензионери кои во претходните години не биле опфатени со овој проект. Од анализите за досегашната имплементација на проектот Министерството за труд и социјална политика констатира дека истиот е прифатен од страна на корисниците и пошироката јавност, како и од Сојузот на здруженијата на пензионерите. Исто така, од посетите на правните лица -даватели на услугата се утврди дека тие се придржуваат до процедурите на проектот што се гледа и од впечатоците на корисниците што ги даваат по завршување на користење на услугата. Сакам да потенцирам дека реализацијата на Проектот “Бањско климатска рекреација на корисници на пензија” покажа дека има двоен ефект! Имено, не само што се овозможува бањско климатска рекреација на корисниците на пензија туку истовремено се развива и бањско климатскиот туризам, a правните лица коишто ја сервисираат оваа услуга имаат сигурни финансиски приходи во текот на целата година“, истакна Спасов.
Инаку, услугата на бањско климатска рекреација се остварува во правни лица регистрирани за вршење на услуга за бањско климатско лекување со коишто Министерството за труд и социјална политика склучува договор во изминатите четири години и тоа : „Негорски бањи“ во Негорци, Гевгелија, „Дебарски бањи“, „Катлановска бања“ и „Цар Самоил“, Банско, Струмица.
„Министерството за труд и социјална политика ќе направи се што е во неговите надлежности и понатаму да им овозможи на пензионерите и на старите лица целосна интеграција во општеството бидејќи тие дадоа несебичен придонес кон нашата држава“, заврши Спасов.