Банките нудат кредити, граѓаните не одбиваат

Промотивни камати, атрактивни рокови, нула административни трошоци, сите овие поволности се содржани во најновите банкарски пакети за потрошувачки кредити што во изобилство им се нудат на македонските граѓани. Банките подолг период наназад докажуваат дека населението им е една од поомилените категории за кредитирање, со оглед што е исклучително дисциплинирано при нивното враќање. Македонските граѓани, пак, изгледа дека се’ повеќе го сакаат животот на кредит. Ова може да се заклучи од податоците на Народна банка на Македонија, кои покажуваат дека во јануари годинава кредитите одобрени на домаќинствата во земјава пораснале за 159 милиони евра во однос на истиот месец минатата година. Односно, граѓаните им должат на банките вкупно 1,41 милијарди евра, пренесува „Утрински“.

Потрошувачките кредити се своевиден старо-нов хит на банкарското мени. Се нудат поволни каматни стапки, гарантирани за одреден период од отплатата, брза исплата на парите, целосно ослободување од трошоците за одобрување.

А и граѓаните не можат да одолеат на атрактивните банкарски понуди, но и на желбата да се потроши сега, без разлика дали станува збор за купување нов телевизор, одмор, или можеби школување, а на враќањето да се мисли подоцна. Аргумент за тоа е големиот пораст на потрошувачките кредити, за дури 120 милиони евра за една година. Односно, во јануари годинава граѓаните користеле вкупно 650 милиони евра потрошувачки кредити, а истиот месец лани 530 милиони евра. Порастот на станбените кредити, пак, е понизок и изнесува околу 39 милиони евра. Односно, ако во јануари лани биле вкупно одобрени 274 милиони евра станбени кредити, сега по тој основ домаќинствата вкупно должат 312 милиони.

Но, сосема е поинаку кај автомобилските кредити каде што е регистриран пад за околу 11 милиони евра за период од една година. Додека, износите на одобрените кредитни картички се речиси идентични.

Речиси сите банки во првиот месец од годинава промовираа намалени каматни стапки, а деновиве повторно излегуваат со серија промотивни пакети. Овој тренд најверојатно ќе продолжи и натаму, но познавачите велат дека не треба да се очекуваат драматични надолни корекции. Од друга страна, иако има пораст кај кредитирањето на компаниите, тоа се’ уште нема земено толку голем замав.

„Банките се преликвидни, депозитите растат, па логично е банките да сакаат да ги пласираат своите средства со добра маржа“, вели Ѓорѓи Јанчевски, прв човек на НЛБ Тутунска банка и претседател на Здружението за банкарство во земјава, за „Утрински“.

Инаку, НЛБ Тутунска банка неодамна извести дека во периодот од 10 март годинава па до 31 мај, спроведува промотивна кампања за сите кредити за физички лица. Исто така, банката воведе два промотивни кредитни продукти со поповолни услови и пониски каматни стапки, односно Пролетен виолетов потрошувачки кредит и Промотивен НЛБ станбен кредит, кои се однесуваат за приматели на плата или пензија во таа банка. Пролетниот Виолетов потрошувачки кредит е до 600.000 денари и рок на отплата до 120 месеци, и со каматна стапка од 6,4 отсто, фиксна за првата година.

И Стопанска банка Скопје деновиве соопшти дека нуди промотивна понуда за најатрактивниот банкарски производ, потрошувачките кредити. Каматата од 6,5 отсто е гарантирана за првата година, а банката одобрува и дополнително 100 отсто попуст на административните трошоци за одобрување. По истекот на промотивниот период ќе биде во примена променливата годишна каматна стапка, која за кредитите со девизна клаузула во моментов изнесува 8 отсто.

„Потрошувачките кредити се постојано во фокусот на работењето на Стопанска банка. Понудата расте и се приспособува на потребите на клиентите – со атрактивни рокови на отплата до 10 години, износи до 10.000 евра без обезбедување, можност за користење денарски или кредит со девизна клаузула, и секако можноста кредитот да се исплати за само 30 минути од поднесување на комплетното барање“, нагласија за весникот од Стопанска банка.

И Комерцијална банка неодамна извести дека нуди промоција, односно 50 отсто намален надомест за одобрување и администрирање за сите примени и искористени барања за потрошувачки кредит до 10.000 евра со ЕУР клаузула, во периодот од први март до 30 април годинава, како и 50 отсто намален надомест за одобрување и администрирање за сите примени и искористени барања за станбен кредит со ЕУР клаузула во истиот период.