Банките во еврозоната очекуваат благо закрепнување на побарувачката на станбените и корпоративните кредити во првите месеци од оваа година, покажа во вторникот истражувањето на Европската централна банка (ECB).
И на крајот на 2023 година, банките нето ги заострија критериумите за одобрување кредити, со построги услови за компаниите и потрошувачките кредити и релаксирани за станбените кредити, открива ECB во истражувањето во кое учествувале 157 кредитори.
Построги услови можеа во деловниот секотр да очекуваат, во прв ред, компаниите од градежништвото и секторот за недвижности. Главната причина за заострувањето на стандардите за одобрување кредити е перцепцијата на ризикот, утврдила ECB, а повеќето од анкетираните банки очекуваат дека ќе ги заострат и во првиот квартал на 2024 година.
Побарувачката на компаниите и домаќинствата на заеми повторно значително ослабе на крајот од 2023 година поради зголемените каматни стапки, наведува ECB, нагласувајќи ги и намалените фиксни инвестиции на компаниите, разнишаната доверба на потрошувачите и послабите изгледи за пазарот на станбени недвижности.
Банките, сепак, очекуваат благо нето закрепнување на побарувачката за корпоративни и станбени кредити на почетокот од 2024 година, првпат од почетокот на 2022 година.
„Очекуваниот нето пораст е поврзан со проценките на банките за долгорочната побарувачка за кредити, додека краткорочната побарувачка треба да биде непроменета“, се вели во извештајот.