Барањата за азил во ЕУ зголемени за 13 отсто во третиот квартал

33

Првичните апликации за азил во Европската унија се зголемија за 12 отсто во третиот квартал од годината во однос на вториот, на 166.400, покажуваат податоците на европската статистичка служба Евростат.

Бројот на првични апликации е релативно стабилен од почетокот на 2017 година, со мали варијации во процентуалните измени.

Сепак, ЕУ не е во состојба да се справи со бирократијата во врска со разгледувањето на апликациите. До крајот на септември, речиси 900.000 првични апликации се собрани за разгледување од страна на националните власти. Бројот е намален за само 1 процент во однос на второто тримесечие од годината, на годишно ниво, пренесува Евростат.

Германија останува земја во ЕУ со најголем број барања за азил – 37.300 или 22 отсто. Франција и Шпанија се останатите две земји во Унијата со најголем број барања – 30.500 и 25.800.

Во трите земји бегалците поднеле 56 отсто од сите првични барања за азил, се наведува во извештајот на Евростат.

Во однос на населението, најголем број пријави за азил биле поднесени на Кипар – 3.305 на еден милион луѓе, Малта – 2.691 и Грција – 1.645. Најмалку во однос на еден милион луѓе се поднесени во Словачка – 12, Унгарија – 15 и Полска – 18.

Сириските граѓани се сè уште најбројната група баратели на азил во ЕУ – 13 проценти. На второ место се бегалците од Авганистан – 9 отсто и на трето место е Венецуела – 6 отсто. Следни се Ирак, Турција, Колумбија, Пакистан и Иран со по 4 проценти и Албанија, Нигерија и Грузија со по 3 отсто. Останатите 44 проценти од барањата за азил се од државјани на други земји, претежно од Африка и Азија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.