Бараат државна помош организаторите на свадби и туристичките работници

Свадби без оро, а единствен танц да биде само тој на младенците со кој ќе стартува прославата. Ова стои во протоколот за работа на рестораните за свадби и ноќните клубови, за кој Комисијата за заразни болести треба да даде зелено светло.

Рестораните за свадби најавуваат стечај, ако во скоро време не се тргне забраната. Велат, бројат финансиски загуби за режиски трошоци -закупнини, вода, струја, како и кредити.

Од Владата велат дека Комисијата за заразни болести, при Министерството за здравство, ја следи состојбата и предложува мерки и протоколи, имајќи го јавното здравје како највисок приоритет. Но засега нема промени во делот на свадбените собири.

„Владата до овој момент нема препорака од Комисијата за заразни болести, но ако Комисијата препорача некои нови мерки или протоколи истиот предлог се разгледува во Главен координативен кризен штаб, а потоа и на седница на Владата. Постојано правиме анализи и ја следиме состојбата, доколку има потреба и можност, Владата секако ќе инервенира со дополнителни мерки“, – велат од Владата на РСМ.

На згаснување на професијата во време на пандемија предупредуваат и туристичките водичи. Бараат да добијат приоритет со вакцините, зашто без тоа нема да можар да работат.

Бизнисот бара итно носење на вакцини во земјата, за да може економијата да се тргне од канџите на пандемијата. Посебно што на врата ни доаѓа нов, трет бран на зараза. Истовремено се чека и усвојување на петтиот пакет економски мерки кои заглавија во Собранието.