22.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Барањето за екстрадиција на Морина во понеделник пред Кривичниот суд

Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК – UCK), Тимор Морина, пристигнало во Министерството за правда, и во моментов се преведува. Се очекува материјалот во понеделник да биде доставен до Кривичниот суд, пишува Б92 повикувајќи се на изјава од министерката за правда, Рената Дескоска.

Кога Србија ќе добие одговор зависи од тоа дали документацијата е комплетна и дали судот ќе побара дополнителни информации. Конечната одлука за Морина ќе ја донесе Министерството за правда.

Морина беше уапсен на граничниот премин Блаце по потерница распишана од Интерпол. Во Србија се товари за злосторства извршени врз цивили во текот на војната од 1998/1999 година.

Функционери од албанските партии во земјава отворено се заложија за него и побараа од судските истанци да го ослободат.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави во петокот дека не може да верува оти Македонија нема да го екстрадира Морина, бидејќи тоа би било непочитување на меѓународното право.

Стефановиќ оцени дека загрижува тоа што „претставниците на приштинските власти тврдат дека тоа нема да се случи“ што, како што кажа „упатува дека се во дослух со органите на Македонија“. Додаде дека не може да замисли дека „Македонија, себеси тоа ќе си го дозволи

„Премиерот на Македонија, Зоран Заев, рече дека тие ќе го почитуваат меѓународното право, што значи екстрадиција на српските органи. Ако тоа не се случи, ќе видиме што ќе правиме натаму, не сакам да прејудицирам“, изјави Стефановиќ.

Истакна дека „заради ваквите ситуации“ Србија се бори да го спречи Косово да биде примено во Интерпол.

„Ним не им е грижа дали некој се бара за кривично дело и дали таа државата има докази. Нив ги интересира политиката и врз основа на тоа одлучуваат дали ќе екстрадираат некого во одредена држава. Тоа е уште еден аргумент зошто не треба да се дозволи прием на Косово во Интерпол“, рече српскиот министер на полицијата

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.