„Барбери“ повеќе нема да користи кожа на крокодили, алигатори или змии за модни креации

Познатата британска модна куќа, која со децении се потпишува на некои од најважните креации на светската модна сцена, воведе ново правило во бизнисот и најавува големи промени. „Барбери“ објави дека ја забранила употребата на егзотична кожа, како што се кожа од алигатор и змија, во своите модни производи.
Со тоа оваа компанија продолжува да се бори за благосостојбата на животните кои се на удар во модниот бизнис.
– Остануваме решени во нашата посветеност да донесеме позитивни промени во општеството. Нашите напори се движат во насока на план за одржлив, еколошки и бизнис кој ги штити животните – изјави Џули Браун, главен оперативен директор и главен финансиски директор на Burberry, пишува Ecotextile.
Креативниот директор Рикардо Тиши ги потпишува креациите на овој познат британски бренд и носи идеи базирани на заштита на животните.
Дизајнот, како и принципите на оваа важна компанија, внесуваат креативност во новото време, со помош на вештачки материјали кои не го загрозуваат животинскиот свет.
Брендот Burberry е познат по создавањето на мантил или тренч мантил, кој неговите креативци го пресоздаваат со децении на повеќе начини.