Барди и Трабзон нема да играат во ЛШ, Копенхаген оди понатаму; Глазгов Ренџерс со гол-подарок од ПСВ

Не успеа обидот на Енис Барди да направи трансфер од Леванте во редовите на турскиот првак Трабзонспор за да заигра во Лигата на шампионите. Неговиот нов тим вечерва доживеа елиминација од Копенхаген во плеј-оф колото пред групната фаза, откако пред својата публика одигра само 0-0, оставајќи ја недопрена негативата од Данска.

Резултатот од пред една недела, 1-0 за Копенхаген остана да важи, откако Данците во Трабзон успеаја да ги одржат почетните 0-0. И покрај теренската доминација на Трабзонспор и покрај неколкуте сериозни шанси на Џанини (7. минута), на Корнелиус (68. минута) и на Бакасетас (85. минута), мрежата на Копенхаген остана недопрена.

Барди беше стартер и како „десетка“ ги одигра сите 90 минути, сепак не успеа да му помогна на својот тим вторпат по 2011/12 да се пласира во групите од европската елита. Наместо тоа, ќе продолжи во групната фаза од Лига Европа, исто како и ПСВ, кој вечерва беше шокиран на свој терен од Ренџерс со 0-1. Решавачкиот гол го постигна Хрватот Анте Чолак во 60. минута и ги прати во заборав оние 2-2 од првиот круг, од Глазгов.

Од трите двојки кои вечерва имаа закажани реванши во плеј-офот од Лигата на шампионите, 90-те минути не донесоа победник само во Загреб, каде што Динамо го совлада Бодо/Глимт со 2-1, но тоа значеше изедначување на 2-2 во вкупниот резултат, па во моментов на објавување на овој текст почнуваа продолженијата, двапати по 15 минути. И Аријан Адеми и Стефан Ристовски беа извадени од игра по 90 минути, па ако нивните соиграчи не успеат да го елиминираат норвшекиот првак, само Елиф Елмас со Наполи ќе остане единствен македонски репрезентативец во елитата на УЕФА.

Глазгов Ренџерс по 12 години пауза повторно ќе биде дел од елитното европско натпреварување откако шкотскиот вицепрвак славеше на гостувањето против ПСВ Ајндховен со 0-1.

Домаќините промашија неколку убави шанси во првото полувреме, а единствениот гол беше голем подарок од домашниот играч Рамалјо, кој ја загуби топката во сопствениот шеснаесетник, по што Чолак немаше тешка задача да ја смести во мрежата.