Барелот сирова нафта близу 64 долари на лондонскиот пазар

Цените на нафтата во вторникот скокнаа кон вредноста од 64 долари за барел, поддржани од продолженото нарушување со испораките преку нафтоводот „Forties“, производните кастрења на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), како и очекуваниот натамошен пад на американските резерви.

Цената на барел сирова нафта на лондонскиот пазар достигна 63,57 долари, што значи дека е за 16 центи повисока во споредба со затворањето на претходниот трговски ден. На американскиот пазар, пак, барелот поскапи за 31 цент, на 57,47 долари. Одвоено OPEC во вторникот објави дека цената на барелот референта кошничка негова нафта во понеделникот чинела 61,64 долари, што значи дека во однос на петокот била зголемена за 16 центи.

Подемот на цените делумно го придушува растечкото производство на нафта во САД. Производството на нафта од шкрилци, според процените на американската влада објавени во понеделникот, би требало во јануари да достигне нови рекордни нивоа, имајќи предвид дека повисоките цени на нафтата ги поттикнаа компаниите на поголеми црпења.

Непланираниот прекин во работата на системот за снабдување на нафтоводите „Forties“ на Северното Море од минатата седмица им дава и натаму поткрепа на цените, во прв ред на оние на лондонскиот пазар. Цената на барелот на лондонскиот пазар на 12-ти декември достигна 65,83 долари, највисокото ниво од средината на 2015 година.

Операторот со „Forties“ нафтоводот „Ineos“ во вторникот објави дека временската рамка за поправките останува меѓу две и четири седмици, почнувајќи од 11-ти декември, откако нафтоводите се затворени.

OPEC со другите произведувачи договори продолжување на договорот за намалување на производството до крајот на следната 2018 година и, исто така, им дава поддршка на цените. Рускиот нафтен гигант „Роснефт“ во понеделникот објави дека договорот би можел да останае на сила и подолго од споменатиот термин.

Кастрењата во производството резултираа со намалување на нафтените резерви на глобално ниво, а се очекува дека најновиот седмичен извештај за состојбата на американските резерви од сирова нафта ќе покажат натамошно намалување, и тоа петта седмица со ред.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.