Барние го критикува Џонсон поради неговиот став за следење на правилата на ЕУ

Главниот преговарач за ЕУ за Брегзит Мишел Барние го критикуваше премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон затоа што рече дека нема да има задолжително усогласување со правилата на Унијата откако земјата официјално го напушти сојузот, јави neweurope.com.

Барние рече дека Џонсон презема „два или три чекори наназад“ и оти ги крши претходно договорените обврски.

– Мора да бидеме јасни – политичката декларација што ја договоривме, збор по збор и ред по ред, со Борис Џонсон минатиот октомври, останува и ќе остане основа за сите преговори, рече Барние.

– Ова вклучува преговарање за силни гаранции за обезбедување фер конкуренција и високи заеднички стандарди, додаде тој.

Со оглед на тоа што ЕУ претходно веќе го претстави својот преговарачки став, Барние и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, вчера се обратија пред европратениците за време на пленарната сесија во Стразбур бидејќи Европскиот парламент дебатираше за резолуција за нејзиниот став за Партнерството ЕУ-Велика Британија, која денеска ќе биде ставена на гласање.