Барса го демонтираше Реал на „Сантјаго Бернабеу“

Фудбалерите на Барселона ја остварија и резултатски и уште повеќе играчки една од најубедливите победи во неделата во 249-то шпанско „Ел Класико“ совладувајќи го Реал Мадрид на неговото игралиште со 4:0 (2:0).

Двапати мрежата на Реал ја затресе Пјер-Емерик Обамејанг, во 29 и 53, и по еднаш Роналд Араухо во 38 и Феран Торес во 47 минута.

Реал прв се закани, уште во 7 минута, кога Федерико Валверде откосо од левата страна шутираше во спротивниот агол, но Марк-Андре тер Штеген со одлична реакција ја сврти топката во корнер. Барселона одговори во 12 минута, кога по продорот по левата страна Обамејанг ја прими топката во петерецот но шутираше по средината на голот што го одбрани Тибо Куртоа, а во продолжението на акцијата од деснта страна спротивниот горен агол го гаѓаше Усман Дембеле, што белгискиот голман уште еднаш го дофати.

Барса од тој момент целосно ја презема иницијативата и уште двапат имаше одлични шанси за водство преку Феран Торес, во 18 и во 24 минута, но еднаш несфатливо иако беше сам пред Куртоа шутираше крај стативата а вториот пат Каземиро со лизгачки старт го блокираше неговиот удар.

Но во 29 минута одбраната на Реал немаше среќа. По десната страна во трк продре Дембеле и остар центаршут во висината на петерецот, каде Обамејанг се уфрли пред својот чувае и со глава го погоди долниот десен агол од голот на Куртоа.

Обамејанг имаше шанса и во 35 минута, но Куртоа успеа да го одбрани неговиот удар од шеснаесетникот. Три минути подоцна уште еднаш се затресе мрежата на Реал, кога Дембеле изведе корнер а највисок во скокот беше силниот Араух и од пет метри со глава ја испрати топката во мрежата за 2:0.

Карло Анчелоти на полувремето се обиде да ја освежи екипата којашто делуваше неповрзано воведувајќи ги во игра Камавинга и Маријано Дијаз и променувајќи ја формацијата. Но уште во првата минута од вториот дел Феран Торес изби сам пред Курота но повторни го промаши голот. Само минута подоцна истиот играч погоди, откако прекрасно беше проигран со петица од Обамејанг.

Само пет минути подоцна веќе беше 4:0. Торес и Обамејанг овојпат ги заменија улогите. Играчот од Габон избегна офсајд стапица, доби одлична топка и мајсторски го префрли голманот на Реал. Меѓутоа, помошниот арбитар го подигна знаменцето означувајќи офсајд. Но по проверката на снимката, и имајќи предвид дека главниот судија Муниера не се огласи до крајот на акцијата, голот беше признат.

Победата на Барселона можеше да биде многу поубедлива, но Курота успеа да ја спаси својата екипа од вистинска катастрофа, можеби и најголемата во историјата на едно од најголемите спортски ривалства во светот.

И покрај поразот Реал Мадрид има голема предност на врвот на Примера со 66 бодови, девет повеќе од второпласираната Севилја која во неделата без голови пред своите навивчаи ремизираше со Реал Сосиедад. Барселона со оваа победа, петтата првенствена во серија, се проби на третото место со 54 бодови со меч помалки од водечката двојка.

По репрезентативната пауза, Барселона на 4-ти април на својот „Камп Ноу“ ќе ја пречека Севилја и во тој дуел Каталонците кои имаа неверојатно лош старт на сезоната со победа можат да се пробијат и до втората позиција на табелата.