Барса извлече бод на незгодното гостување во Билбао

Фудбалерите на Барселона успеаја да останат непоразени на за нив секогаш тешкото гостување кај Атлетико Билбао, ремизирајќи со резултат 1:1 во рамките на второто коло од шпанската Примера.

Атлетик беше подобар, особено во првото полувреме, кога неговите напаѓачи создадоа бројни шанси. Но водечкиот погодок беше постигнат во вториот дел, во 50 минута преку Ињиго Мартинез. За Каталонците израмни Мемфис Депаи во 75 минута.

Баските имаа одлична шанса за победа во третата минута од судиското продолжение на натпреварот, кога Нико Вилијамс изби сам пред шеснаесетникот на Барселона по грешката на Ерик Гарсија, но стоперот на гостите навреме го собори. Гарсија доби директен црвен картон, а Мартинез не можеше многу да стори од слободниот удар, па дуелот заврши без победник.

По првите две кола Атлетик има два бода, а Барселона четири.

Без победник и со идентичен резултат 1:1 заврши и дуелот меѓу Гранада и Валенсија. Домашните поведоа во 16 минута преку Луис Суарез, а гостите израмнија во 88 минута од пеналот кој го реализираше Карлос Солер.

Без победник а и без голови заврши пресметката меѓу експресно вратениот во Примера, Еспањол и Вилјареал.

Мајорка славеше минимално на гостувањето кај Мајорка со погодокот кој во 80 минута го постигна Фер Нињо. Домашните од 66 минута играа со играч помалку, откако „поцрвене“ Рубен Дуарте.

Во петокот воведниот меч во второто коло го одиграа Реал Бетис и Кадиз, мирољубиво ремизирајќи со резултат 1:1.

Во недела се играат мечевите: Реал Сосиедад – Рајо Ваљекано, Атлетико Мадрид – Елче и Леванте – Реал Мадрид, а во понеелнико Хетафе – Севилја и Осасуна – Селто Виго.