Барса ја одржува предноста пред Атлетико

Фудбалерите на актуелниот шпански првак Барселона го совладаа на својот „Камп Ноу“ тимот на Селта Виго со 2:0 во 17-то коло од Примера и го задржаа врвот на табелата пред мадридски Атлетико.

Барселона прашањето на победникот го реши уште во првото полувреме, во кое уште во 10 минута Усман Дембеле ја испрати топката во мрежата откако гостинскиот голман Рубен Бланко го одби ударот на Лионел Меси. Но во 45 минута Бланко беше оставен очи в очи со Меси и само можеше да проследи како Аргентинецот од работ на казнениот простор ја испраќа топката во небранетата мрежа. Селта и покрај поразот се задржа на 10-то место со 21 бод.

Барселона во 17-те кола собра 37 бодови, три повеќе од Атлетико Мадрид кој претходно на свој терен со 1:0 го совлада Еспањол, а стрелец беше од пенал во 56 минута Антоан Гризман. Еспањол по поразот се најде на 13-то место со 21 бод.

Во Севилја, пак, домашниот Бетис и Еибар одиграа без победник 1:1. Домашните поведоа во 21 минута преку Санабрија, додека во 72 минута израмни Орелана од пенал. Бетис има 26 бодови и се одржа на шестото место на табелата, а Еибар напредуваше едно место, 12-ти е со 21 бод.

Во последниот меч од саботната програма Атлетик Билбао во последните моменти ја испушти победата над Вајадолид. Домашните поведоа во 45 минута од пеналот што го реализираше Ариц Адуриз, а израмни Оскар Плано во втората минута од судиското продолжение. Атлетик грчевито се бори за опстанок во Ла Лига, има освоено 16 бодови и е на 17-то место, а Реал Вајадолид сега е 11-ти со 21 бод.