Барса освои три бода кај незгодниот Атлетик

Фудбалерите на каталонската гордост Барселона во 10-то коло од шпанското првенство како гости во баскиската престолнина со 2:0 (1:0) го совладаа Атлетик Билбао, додека во Мадрид Атлетико не успеа да го совлада Виљареал.

Барселона во победата во Билбао стаса со головите на Лионел Меси во 37 и Паулињо во втората минута од судиското продолжување. Атлетик, исто така, имаше свои шанси но на голот на Каталонците беше расположениот Тер Штеген кој одбрани неколку тешки удари.

Барселона останува на врвот со 28 бодови, четири повеќе од Валенсија, а осум со меч повеќе од третиот Реал Мадрид, додека Атлетик Билбао е 11-ти со 11 бодови.

Валенсија до шестата победа во низа дојде совладувајќи го Алавез во Виторија со 2:1 (1:1). Головите за „лилјаците“ ги постигнаа Заза во 34 и Родриго од пенал во 66 минута, додека за домашните стрелец беше Алексис во 49 минута. Алавез е на претпоследното 19-то место со само 3 бода.

Атлетико Мадрид на домашен терен не успеа да го совлада Виљареал играјќи 1:1 (0:0). Атлетико поведе преку Кореа во 61, а изедначи Бака во 80 минута. Атлетикот е четврти со 20 бодови, а Виљареал е шести со 17 бодови.

Во последниот натпревар од саботната програма доцна вечерта Севиља како домаќин го порази Леганес со 2:1 (1:0). Домаќините поведоа со голот на Бен Једер во 19 минута, додека гостите израмнија преку Шимановски во 47 минута, но новото водство за Севиља и воедно конечниот резултат во 53 минута го постави Сарабија. Севиља сега се искачи на петтото место со 19 бодови, додека Леганес пред доигрувањето на колото во недела засега е на 7-та позиција со 16 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.