Барса подобра во „американското“ Ел Класико

Фудбалерите на Барселона го совладаа мадридски Реал со 3:2 ноќта кон неделата во мечот одигран во рамките на Меѓународниот куп на шампионите, подготвителниот пријателски турнир, кој се одигра на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, во американската сојузна држава Флорида.

Без разлика на тоа што овој натпревар беше пријателски, играчите на двата големи ривала на шпанскиот фудбал влегоа како да се игра многу важен дуел, настојувајќи да се здобијат со психолошка предноста пред двете соочувања по две седмици кои ќе се играат во рамките на Суперкупот на Шпанија.

Барселона во најсилниот состав жестоко го отвори мечот против Реал, кој на оваа турнеја настапува без најдобриот фудбалер, португалскиот ас Кристијано Роналдо и преку Лионел Меси во 3 и Иван Ракитиќ во 7 минута создаде предност и навести можен дебакл на „кралевите“. Но Реал преки Матео Ковачиќ во 14 и Марко Асенсио во 36 минута се врати во игра, и на полувремето се замина без предност за некој од противниците. Иако во вториот дел двајцата тренери и заменија целосно почетните состави, играта остана на нивото од првото полувреме со многу неискористени шанси, но само со еден постигнат гол, оној на Жерар Пике постигнат во 50 минута и кој се покажа решавачки за конечниот исход.

Ел Класико и во Америка предизвика огромно интересирање. Стадионот со капацитет од 66.000 гледачи беше исполнет, а притоа билетите чинеа од најевтиниот 170 долари, до подобрите позиции од 1.600 долари, а според американските медиуми за елитните ложи била плаќана влезница и до 10.000 долари.

Натпреварите меѓу Барселона и Реал се едни од најпопуларните дерби мечеви во светот. Во официјалните средби одиграле 233 дуели, и притоа мадриѓаните се во предност со 93 победи наспроти 91 на Барса. Во пријателските мечеви, пак, Каталонците се во голема предност од триесетина имаат десет победи повеќе.

Ова беше второто во историјата Ел Класико одиграно надвор од Шпанија. Првиот меч меѓу овие клубови е одигран во 1982 година, кога Реал ја совлада Барселона со 1:0 на Купот на претседателот на Венецуела.

Меѓународниот куп на шампионите се одржува по петти пат. Во всушност подготвителните натпревари пред почетокот на европските национални првенства, уште учествуваат уште и англиските екипи Манчестер Јунајтед, Арсенал и шампионот Челзи, шпанските Реал и Барселона, италијанските Јувентус, Рома, Милан и Интер, германските Барни Минхен и Борусија Дортмунд, францускиот Лион и Пари Сен Жермен.

Натпреварите се играат во САД, Кина и Сингапур. Екипите се натпреваруваат за симболичен пласман на табелата. Доколку мечот заврши во регуларниот тек нерешено, победникот се решава со изведување пенали, по што поуспешниот тим добива два поена, а поразениот еден.