Барса промашуваше, Баерн даваше голови – Атлетико се сопна, Ливерпул го победи Ајакс

Баерн Минхен ја победи Барселона во големото дерби од второто коло во Лигата на шампионите, на враќањето на Роберт Левандовски во Баварија, па блицот на германскиот првак во четири минути во воведот од вториот дел, реши се на вешерашниот меч (2-0).

Баерн брутално ја казни Барселона за сите промашувања, а пресудија головите на Лукас Ернандез по првиот корнер и малата мајсторија на Лирој Сане во периодот од 50-та до 54-та минута. Каталонците беа подобри во првиот дел, имаа три извонредни шанси, две на Левандовски и една на Педри, но кога нема да се реализираат такви зицери, Германците се брутални и не простуваат.

Педри имаше и дирек на средина од вториот дел за да го направи уште поинтересен мечот, но вторпат промаши чиста шанса, а колку и Барса да се обидуваше да дојде до гол, секојпат дефанзивците на Баерн успеваа во последен час да спречат опасен шут во мноштвото напади.

Лошата ноќ за Шпанците вечерва ја комплетираше Атлетико Мадрид, кој загуби идентично како и Барселона со 0-2 на гостувањето во Леверкузен и тоа по слично сценарио како во Минхен, со блиц-криг на германскиот бундеслигаш за три минути, само овојпат во самата завршница од мечот. Андрих и Дијаби дадоа два гола во периодот од 84-та до 87-та минута од мечот.

Жоел Матип донесе многу важна победа за Ливерпул, кој се измачи да го победи Ајакс и до триумфот дојде во 90-та минута од мечот, откако Мохамед Салах по 17 минути даде гол за водство, па десет минути подоцна Кудус израмни. Ливерпул се обидуваше да дојде до победа и порано, но не успеваше да најде начин сѐ до последната минута од регуларниот дел кога Матип ги скрши „копјаниците“.

Ајнтрахт Франкфурт со 1-0 славеше во Марсеј за да се врати после поразот дома од Спортинг Лисабон во првото коло, а Бриж го разнесе Порто со 4-0 на „Драгао“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.