Барса се истури врз Алавез, Леганес за малку ќе го победеше шампионот но испаѓа од лигата

Фудбалерите на Леганес двапати ја стасуваа предноста на новиот шамион Реал Мадрид и имаа можност да дојдат до победа којашто ќе им го осигураше прволигашкиот статус, но мечот заврши 2:2, па Селта Виго остана во Ла Лига.

Селта одигра без голови кај одамна отпишаниот Еспањол, со еден поништен погодок за домашниот тим, што беше доволно екипата од Виго да остане во Примера, покрај ремито на Леганес и Реал Мадрид.

Серхио Рамос во 9 минута го доведе Реал во водство, а израмни Жил во последните моменти од првото полувреме. Асенсиот во 52 минута повторно им донесе предност на „Кралевите“, а во 78 минута Асале израмни на 2:2. Во последните десет минути од дуелот Реал грчевито се бранеше за да го сочува бодот и образот како нов шампион.

Особено интересна беше борбата за место во Лига Европа, во која најголем губитник на крајот беше Хетафе, бидејќи со поразот од 0:1 кај Леванте заврши на 8-то место и без излез во фудбалска Европа. Во лудиот меч клубот од предградието на Мадрид постигна два погодока кои му беа поништени по интервенција на ВАР-от, а особено дискутабилно беше поништувањето на вториот гол. И на Леванте му беше поништен еден погодок поради офсајд. Хетафе имаше и пенал во 71 минута при резултат 0:0, но Мата ја погоди стативата. Дури во деветтата минута од судиското продолжение Коке му ја донесе победата на Леванте.

Гранада со победата од 4:0 над Атлетик Билбао се проби на 7-то место со 56 бодови, колку имаше и Реал Сосиедад кој одигра 1:1 на гостувањето кај Атлетико Мадрид. Порад подобриот сооднос во меѓусебните дуели, Реал Сосиедад го освои 6-то место и директниот пласман во групите на Лига Европа.

Мајорка се прости од Примера со ремито 2:2 на гостувањето кај Осасуна. Севилја со 1:0 ја совлада Валенсија, Вајадолид беше подобар од Бетис со 2:0 а Вилјареал во последните дваесет минути од мечот дојде до високата победа над Еибар од 4:0.

Фудбалерите на Барселона како гости со 5:0 го совладаа Алавес во првиот меч од последното 38-мо коло на шпанското првенство, во натпревар кој немаше никакво резултатско значење за двете екипи.

Барселона не можеше да биде поместена од втората позиција на табелата, а Алавес во претходното коло го обезбеди опстанокот.

Ансу Фати во 24 минута ја начна мрежата на домашните по проигрувањето на Леионел Меси. Десет минути подоцна капитенот на Барса на асистенција на Пуиџ погоди за 2:0, а во 44 минута Луис Суарез по одличната акција зголеми на 3:0. Во 57 минута Нелсон Семедо погоди за 4:0 а по вторпат асистент беше Пуиџ. Во 75 минтуа Меси го постигна својот втор погодок а притоа втора асистенција на овој меч впиша и Жорди Алба.

Еспањол ја напушта Примера по 33 години минати без прекин, а му се придружија и Мајорка и Леганес.

Во Лигата на шампионите покрај Реал Мадрид и Барселона следната сезона ќе играт и Атлетико Мадрид и Севилја. Во групната фаза од Лига Европа се плаираа Вилјареал и Реал Сосиедад, а Гранада ќе започне од второто коло на квалификациите во ова натпреварување.