Барса стартуваше без Меси и победи, Атлетико на врвот на Ла Лига

Во последниот натпревар од саботната програма на деветтото коло од шпанското фудбалско првенство Атлетико Мадрид со 4:0 го совлада Кадиз, и се искачи на првото место на табелата.

Двоен стрелец за „Јорганџиите“ беше Жоао Феликс, во 8 и 90 минута, а му асистираше и на Луис Суарез кој погоди во 51 минута. Меѓу стрелците се впиша и Маркос Љоренте во 22 минута.

Атлетико Мадрид сега е прв со 17 бодови, колку што има и второпласираниот Реал Сосиедад кој има и меч повеќе од мадридскиот клуб. Трет е Реал Мадрид со 16 бодови, но исто така со седум натпревари.

Севилја со погодокот на Лукас Окампос во 59 минута од пенал минимално ја совлада Осасуна. Севилја е 11-та на табелата со 10 бодови од седум натпревари, колку што има и Осасуна но од осум мечеви и е 12-та.

Тренерот на Барселона, Роналд Куман, го изостави капитенот Лионел Меси од стартната постава, но кога го внесе во игра во второто полувреме Аргентинецот постигна два погодока во победата од 5:2 над Реал Бетис.

Барселона поведе во 22 минута со голот на Усман Дембеле, а може да го удвои водството во 33 минута но Антоан Гризман кој никако да се вклопи во играта на Каталонците не реализираше пенал, односно неговиот лош удар го одбрани гостинскиот голман Браво. Бетис го казни тоа со израмнување во втората минута од судиското продолжение Антонио Санабрија.

Сепак, во второто полувреме Барса се разгоропади, а веќе во 49 минута Гризман успеа да ја затресе противничката мрежа. Половина час пред крајот на мечот Бетис остана со играч помалку, бидејќи Аиса Манди доби црвен картон за играње со рака на гол-линијата. Меси во 61 минута беше сигурен од белата точка. Во 73 минута Лоренцо Жезус Морон Гарсија ги врати надежите на гостите, но домашните во финишот овојпат не дозволија изненадување. Прво Меси погоди во 82, а потоа прецизен во 90 минута беше и 17-годишниот Педри.

Барселон од седум натпревари има 11 бодови и е моментално на осмото место на табелата, а Берис кој ги има одиграно сите девет кола е седми со 12 бодови.

Во првиот саботен натпревар Уеска и Еибар играа 1:1. Гостите поведоа во 38 минута преку Естебан Бургос, а домашните израмнија со голот на Рафа Миро во 67 минута.

Уеска е 18-та со шест бодови, а Еибар е 14-ти со девет бодови.

Преостанатите пет натпревари од колото се играат в недела, а двојките се: Хетафе – Вилјареал во 14 часот, Реал Сосиедад – Гранада во 16,15 часот, Леванте – Алавес во 18,30 часот кога се игра и дуелот Вајадолид – Атлетик Билбао и Валенсија – Реал Мадрид од 21 часот.