Барселона без победа и на второто гостување во Баскија

И натаму без повредените Лионел Меси и Лиус Суарез, а Иван Ракитиќ на клупата за резерви, по воведниот пораз од Атлетико Билбао фудбалерите на актуелниот шпански првак Барселона и на второто гостување сезонава кај баскиска екипа не успеаја да постигнат победа, одигрувајќи 2:2 со домашната Осасуна.

Домашните поведоа со голот на Роберто Торес во 7 минута, а израмнувањето на Барса ѝ го донесе 16-годишниот напаѓач од Гвинеа Бисао, продукт на „Ла Мансиа“, Ансумане Фати кој стана најмладиот стрелец во историјата на каталонскиот клуб, преземајќи го овој наслов од Бојан Кркиќ.

Барселона по израмнувачкиот погодок постојано притискаше што резултираше со пресврт и водство во 64 минута кое со прецизен удар го донесе Бразилецот Артур. Сепак, во 81 минута каталонскиот стопер Жерар Пике направи почетничка грешка и со рака невнимателно играше во сопствениот шеснаесетник, а Роберто Торес по вторпат беше стрелец, овојпат од пенал.

Во последниот саботен натпревар Реал Бетис славеше со 2:1 над Леганес. Сите голови беа постигнати во интервал од десетина минути во првиот дел од второто полувреме. Гостинскиот Леганес поведе во 50 минута преку Мартин Брејтвајт, домашните израмнија четири минути подоцна со голот Лоренцо Жезус Морон Гарсија, а победата не Бетис му ја донесе Набил Фекир во 61 минута.

Претходно Хетафе дома одигра 1:1 со Алавес. Хорхе Молина Видал во 24 минута погоди за домашните, а Хозелу во 31 минута израмни за гостите.

Леванте со головите на Леон во 83 и на Моралес во 90+3 минута пред своите навивачи го совлада Реал Вајадолид.

Во петокот вечерта Севилја и Селта Виго одиграа без победник (1:1), а Атлетико Билбао со 2:0 беше подобар од Реал Сосиедад.

Во недела се играат мечевите: Валенсија – Мајорка, Еспањол – Гранада, Атлетико Мадрид Еибар и Виљареал – Реал Мадрид.