Барселона четири месеци без Ансу Фати

Младиот напаѓач на Барселона, Ансу Фати, ќе отсуствува од терените најмалку четири месеци, откако во понеделникот бил подвргнат на оперативен зафат на повреденото колено, објави каталонскиот клуб.

Фати во саботната победа од 5:2 на Барселона на „Камп Ноу“ го повреди внатрешниот менискус на левото колено.

„Ансу Фати беше успешно опериран од др Рамон Кугат… под надзор на клупскиот лекарски персонал. Играчот ќе отсуствува од терените околу четири месеци“, соопштија од Барселона.

Фати беше еден од најдобрите играчи на Барселона во новата сезона во која постигна пет погодоци во десет натпревари во шпанското првенство и во Лигата на шампионите.

Тинејџерот, кој неодамна го прослави 18-от роденден, минатата сезона стана најмладиот клупски стрелец во натпревар од шпанското првенство и најмлад стрелец во историјата на Лигата на шампионите.

Според процените на лекарскиот тим на Каталонците, Фати ќе ги пропушти сите преостанати дуели од групната фаза на Лигата на шампионите, како и половината од вкупниот број натпревари во шпанското првенство.