Барселона до 7-ми јули мора да уплати 110 милиони евра ако го сака Мартинез

ANSA / MATTEO BAZZI

Извршниот директор на италијанскиот фудбалски великан Интер, Џузепе Марота, изјави дека Барслона мода до 7-ми јули да објави дали ќе ја активира отштетната клаузула и ќе плати 110 милиони евра отштета за 22-годишниот аргентински напаѓач Лаутаро Мартинез.

„Интере не сака да ги продава своите најдобри играчи, туку сакаме да доведуваме засилувања како што тоа го прават големите клубови. Но во случајот на Лаутаро Мартинез рацете во одредена мера ни се врзани, бидејќи постои отштетна клаузула од 110 милиони евра, и доколку Барса ја плати таа сума и Мартинез сака да замине, тогаш ние тука не можеме да сториме ништо. Но Барселона мора до 7-ми јули да ја даде понудата, бидејќи отпштетната клаузула има временско ограничување“, изјави за италијанските медиуми Марота.

Минатата седмица во медиумите се појавија информации дека Барселона веќе постигнала договор со Мартинез за петгодишен договор, според кој Аргентинецот би заработувал 12 милиони евра по сезона.

Меѓутоа, исплатата на 110 милиони евра би претставувало големо оптоварување за буџетот на Барселона и прашање е дали каталонскиот клуб ова лето може да покрие толку голем финансиски трошок, имајќи предвид дека приходите се намалени поради пандемијата на коронавирусот.

Барселон, како што дознаваат медиумите, нуди дел од отштетата да биде во пари а дел со двајца нејзини играчи, Нелсон Семедо и Самуел Умтити. Но Интер инсистира отштетата да биде платена во пари, и тоа во целост и во една рата.