Фудбалерите на Барселона постигнаа еден погодок што беше доволно за минималната победа од 1:0 на гостувањето кај Атлетико Мадрид од дербито на 16-то коло на шпанското првенство.
Усман Дембеле ѝ ја донесе победата на Барселона со погодокот во 22 минута, но голема заслуга за тоа одработи Педри кој влета во шеснаесетникот низ неколку домашни играчи, ја проследи топката до Гави кои добро се загради и додаде за францускиот играч а овој со прецизен удар го погоди долниот десен агол од голот на Атлетико.
Во првото полувреме Атлетико се закануваше во повеќе наврати, но ударите на неговите играчи од изгледни позиции или беа непрецизни или завршуваа во блоковите на одбраната на Барселона.
Дембеле во 62 минута беше блиску до вториот погодок, но неговиот шут беше блокиран делумно па топката ја погоди надворешната страна од стативата. Во 72 минута по вторпат се затресе домашната мрежа, но Феран Торес беше во офсајд.
Во втората минута од судиското продолжение судијата Муниера Монтеро ги исклучи Стефан Савиќ и Феран Торес поради вистински боречки дуел на средината на теренот, кога топката веќе беше далеку и од двајцата.
Во петтата минута од судиското продолжение Араухо од гол-линијата го одби шутот на Антоан Гризман и така го оневозможи најопасниот обид на Атлетико да остане непоразен.
Најдобрата одбрана во Примера по 12-ти пат сезонава ја сочува својата мрежа и така Барселона дојде до 13-та победа и со 41 бод се издвои на врвот на табелата. Реал Мадрид остана на 38 бодови, а третиот Реал Сосиедад има 32 бода. На четвртото место се проби Бетис со 28 бодови, а по бод помалку имаат Атлетико Мадрид и Вилјареал.
Севилја беше без победа во шпанското фудбалско првенство речиси три месеца, а серијата од шест натпревари без славје тимот од Андалузија ја прекина со неделната победа против Хетафе со 2:1 (1:0).
Севилја го постигна водечкиот гол во 36 минута. Аргентинецот Маркос Акуња погоди со глава, а нафрли Иван Ракитиќ од слободен удар. Победата на Андалузијците ја потврди Рафа Мир во 80 минута, кога со глава ја упати топката во мрежата по центаршутот на Оливер Торес. Борха Мајорал му даде надеж на Хетафе дека може да се спаси од пораз во 87 минута. И тој со глава ја испрати топката во мрежата, а нафрли Порта. Сепак, Севилја до крајот успеа да одржи минимална предност.
Со третата победа сезонава Севилја ја напушти зоната на испаѓање и се искачи на 17 место со 15 бодови. Хетафе е на 13-ти позиција со 17 бодови.
Фудбалерите на Бетис ја прекинаа серијата од три натпревара без победа во шпанската Ла Лига победувајќи го Рајо Ваљекано со 2:1 на гостувањето во Мадрид. Бетис поведе во 7 минута, кога топката се одби од домашниот дефанзивец Балиу и заврши во мрежата. Камело во 20. минута постигна израмнувачки гол за Рајо Ваљекано, но во 40 минута Луис Хенрике повторно ги доведе гостите од Севиља во водство.
Голот на домаќините во 63 минута, кој го постигна Палазон, беше поништен поради интервенција на ВАР-от, а причина беше задниот дел каде што еден од соиграчите на Палазон беше вклучен во акцијата која му претходеше на голот. Така Рајо Ваљекано ја прекина серијата од седум натпревари без првенствен пораз.
Во првиот натпревар од неделната програма Реал Сосидеад победи со 2:0 (0:0) на гостувањето кај Алмерија и го обезбеди третото место. Победата гостите ја остварија на почетокот на вториот дел кога Силва (47) и Сорлот (52) ја погодија мрежата на домаќините.
Ова коло ќе биде заокружено во понеделник (21 ч.) со натпреварот меѓу Атлетик и Осасуна во Билбао.