Барселона се откажува од коцкестите дресови

Каталонскиот фудбалски великан Барселона одлучи по една сезона да ги повлече дресовите со квадратчиња, па од следната сезона повторно нејзините играчи ќе ги носат традиционалните сино-темноцрвени ленти.

„Денеска официјално ги претставуваме новите дресови за сезоната 2020/21 чиј дизајн е инспириран од првата златна ера на нашиот клуб. Од денеска овој дрес е во продажба во клупските продавници“, соопшти Барселона во вторникот.

Еден дрес во кој играчите ги играат натпреварите се продава по цена од 139,99 евра.

Пред една година Барселона и нејзиниот американски партнер за спортска опрема „Nike“ ги изненадија навивачите со воведување на дресот дизајниран со квадратчиња. Така, фудбалерите, ракометарите и кошаркарите на каталонскиот гигант носеа црвени и сини квадратчиња. Но, овој дизајн не наиде на добар прием кај симпатизерите на Барселона.

„Оваа сезона дресот се враќа на традиционалните вертикални ленти, но со златна боја околу вратот и тенки линии меѓу сините и црвените ленти како дополнителен елемент“, соопшти клубот.

Познатите спортски клубови, особено фудбалските, секоја сезона го менуваат дизајнот на дресовите за да заработат дополнтилни средства од продажба на дресовите на навивачите. Барселона е еден од најпопуларните клубови на планетата. Каталонската екипа од основањето во 1899 година имаше ленти на дресовите, освен оваа сезона.