Барселона се пласира на фајнал-форот на Евролигата во Белград

Екипата на Барселона ја оправда фаворитската улога на домашен терен и славеше над Баерн Минхен (81-72) во „мајсторката“ за место на Ф4-турнирот во Евролигата. Каталонците имаа проблеми во првиот дел, на паузата губеа со шест разлика (31-37), меѓутоа со блескавиот трет квартал во кој се постигнаа двојно повеќе поени од ривалот работите си дојдоа на своето место (60-50).

Најдобар кај стрелците беше Лапровитола со 26 поени, а Миротиќ реализира 20 поени, додека кај „баварците“ најефикасен беше Американецот Хантер со 18 поени.

Барселона е третиот тим кој обезбеди виза за завршницата во Белград, покрај Реал Мадрид и Анадолу Ефес. Последниот патник ќе биде познат по „мајсторката“ на Олимпијакос и Монако во Грција.