Барселона со убедлива предност пред реваншот во Ливерпул

Во првиот дуел од полуфиналното соочување во фудбалската Лига на шампионите, Барселона на својот „Камп Ноу“ пред 96.000 гледачи го совлада Ливерпул со 3:0 и направи значителен чекор кон пласманот во финалето.

Првиот судир на великаните кои имаат по пет европски титули ѝ припадна на Барселона, иако и Ливерпул кому ова е прв пораз во каталонската престолнина имаше свои убави шанси. Барса сепак по првиот дуел од двомечот има значителна предност во пресрет на реванштот на „Енфилд“ по седум дена и е чекор до пласманот во своето деветто финале, прво по 2015 година кога стана и европски шампион. Ливерпул, пак, во ланското финале беше поразен од Реал Мадрид, а титулата ја чека од 2005 година.

Барселона и Ливерпул меѓусебно играле девет пати, а двата клуба сега имаат по три победи. Последен пат се судрија во осминафиналето од ЛШ во 2007 година, кога Ливерпул славеше на „Камп Ноу“ со 2:1, додека Барселона беше подобра на „Енфилд“ со 1:0, но тоа не ѝ беше доволно да мине.

Барселона поведе со голот на Луис Суарез во 26 минута, а во второто полувреме кога Ливерпул беше спречен во неколку наврати од Тер Штеген следуваше ново шоу на Лионел Меси кој во 75 минута зголеми на 2:0 а потоа во 82 минута со фантастично изведен слободен удар од околу 25 метри ги постави конечните 3:0. Ливерпул беше подобар од почетокот на средбата и со висок пресинг им правеше проблеми на домашните играчи, но откако Суарез погоди за 1:0, Барса до крајот на полувремето ја презема иницијативата и беше поопасна. „Редси“ подобро влегоа и во второто полувреме и во првите 15 минути имаа три одлични шанси но не успеаја да го совладаат Марк-Андре Тер Штеген кој ги спречи со интервенции сите три обида.

Мечот на „Камп Ноу“ започна со шанса за Барса во 4 минута, кога Иван Ракитиќ по двојното проигрување со Фелипе Кутињо излезе сам пред Алисон но наместо да шутира одигра повратна топка до Артуро Видал, а одбраната на Ливерпул го пресече додавањето. Во 13 минута нова шанса за домашните но Матип расчисти пред Меси. Барселона стаса до водството во 26 минута по одличната асистенција на Жорди Алба и уште поубавиот погодок на Луис Суарез, кој со лизгачки страрт ја протна топката крај немоќниот Алисон. Во 35 минута Ливерпул можеше да израмни, кога Хендерсон со долга топка одлично го проигра Садио Мане кој изби сам пред Тер Штеген, но шутираше преку голот.

Во второто полувреме првата шанса ја имаше Ливепрул, но Тер Штеген одлично интервенираше на ударот на Мане. Во 53 минута шутираше и Мохамед Салах, но домашниот голман уште еднаш беше на место. Во 59 минута нова закана дојде од Ливерпул, кога повратната топка на Салх во противничкиот шеснаесетник Мане ја пропушти а на неа натрча Милнер кој директно шутираше во домашниот голман.

И потоа се повтори непишаното фудбалско правило и Ливерпул беше казнет за промашувањата. Во 75 минута Меси го постигна својот 25-ти гол на 33 натпревари со англиските клубови. Аргентинецот ја започна акцијата протурајќи ја топката до Суарез кој со колено биеше во пречката, но топката се одби на градите на Меси кој веќе се појави во петерецот на Ливерпул и ја спроведе топката во мрежата. Во 82 минута Меси уште еднаш демонстрираше зошто го сметаат за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Со неверојатно прецизен удар од повеќе од 25 метри од слободен удар го совлада Алисон кој стори сѐ што можеше да го спречи погодокот. Девет минути подоцна Ливепрул имаше можност да постигне гол на надеж пред реваншот, но откако Ракитиќ речиси од гол-линијата ја отстрани топката Салах од пет метри ја погоди стативата. До крајот на мечот Барселона имаше уште три големи шанси од противнапади да го постигне и четвртиот погодок, од кои најголемата во последните секунди ја пропушти штотуку влезениот Усман Дембеле кој изби сам пред Алисон и шутираше несфатливо лошо и непрецизно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.