Барселона супериорно го освои Купот на кралот

Фудбалерите на Барселона се победници во шпанскиот Куп на кралот, откако во саботата во финалниот дуел одигран на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид ја совладаа Севилја со 5:0.

Речиси целиот напад на Каталонците се запиша во листата на стрелците за четвртата титула со ред во шпанскиот куп. Луис Суарез беше прецизен во 14 и 40 минута, Лионел Меси во 31 минута, Андреас Иниеста кој беше прогласен за играч на мечот постигна гол во 52 минута, а Фелипе Кутињо во 69 минута.

Севилја којашто во на патот до финалето го елиминираше Атлетико Мадрид, потполно потфрли на неговиот стадион. При водство од 1:0 на Барса, Жоакин Кореа пропушти добра можност кога шутираше од десетина метри, додека Сандро Рамирез од изгледна позиција гаѓаше директно во голманот Јаспер Силесен.

За Барселона ова е рекордниот 30-ти триумф во Купот, додека Севилја остана на пет трофеи, а последниот го освои пред пет години.