Батлер го задржа Мајами во игра во финалето на НБА

Кошаркарите на Мајами Хитс со победата од 115:104 во третиот натпревар во големото финале на НБА лигата го намалија заостанувањето во победи зад Лос Анџелес Лејкерс на 1-2 во серијата која се игра до четири победи.

Мајами, како и во вториот дуел од финалната серија, играше без двајцата свои најдобри играчи, Бам Адебајо и Горан Драгич, но го избегна падот во речиси недостижните 0-3, во прв ред поради фантастичната партија на Џими Батлер, кој оствари „трипл-дабл“ со 40 коша, 11 скокови и 13 асистенции.

Батлер особено беше импресивен во текот на клучната серија на Хитс од 14:4 во четвртата четвртина со која од 89:91 заостанувањето го претворија во предност од 103:95 на 3,40 минути до крајот. Во текот на оваа серија Батлер постигна четири поени, но и подели три асистенции, две за „тројки“ на Кели Олиник и Тајлер Хиро.

Мајами инаку го отвори мечот со водство од 22:9 по првите осум минути, но во текот на тој период Лејкерси имаа дури 10 загубени топки, од кои и Леброн Џејмс и Ентони Дејвис по четири. Лејкерс, како и во првиот дуел, многу брзо се вратија во резултатска рамнотежа, но за разлика од првиот натпревар Хитс не се распаднаа. Напротив, со „тројките“ на Робинсон и Хиро на почетокот од второто полувреме тимот од Флорида стаса до водство од 66:54, па Лејкерс повторно мораа да стасуваат заостанување за што потрошија многу сили.

Одличниот Батлер во третиот меч помош доби од Хиро и Олиник кои постигнаа по 17 коша, додека најефикасен кај Лејкерс беше Џејмс со 25 коша, 10 скокови и 8 асистенции, но притоа имаше и 8 загубени топки. Кајл Кузма од клупата додаде 19 поени за Лејкерс, додека потфрли најдобриот играч од првите два меча, Ентони Дејвис. По 34-те во првиот и 32-та во вториот дуел, Дејвис во третиот постигна само 15 поени, упатувајќи само 9 шута кон обрачот, а имаше и само 5 скокови со 5 загубени топки.

Четвртиот натпревар ќе се игра ноќта од среда кон четврток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.