Базел заврши работа, Јуве го преслуша и Лион

Актуелниот шампион на Швајцарија, тимот на Базел го приреди најголемото изненадување кога се во прашање првите натпревари од 1/4 финалната рунда од најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа.

Иако играа пред празни трибини, казна од еден натпревар поради недоличното однесување на најверните фанови, фудбалерите на Базел одиграа совршено во сите 90 минути и сосема заслужно со убедливи 3:0 го победија шпанскиот прволигаш Валенсија.

Со погодокот на централниот дефанзивец Леонардо Бонучи, постигнат во 85 минута, актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус забележа минимален триумф на незгодното гостување во Лион.

Идентична победа, но на гостувањето во Холандија, каде за противник го имаа тимот на АЗ Алкмар, забележаа фудбалерите на португалскиот прволигаш Бенфика.

Вториот дерби натпревар, помеѓу претставниците на Португалија и Шпанија, Порто и Севилја, заврши со минимален триумф на домаќинот, а единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 31 минута беше дело на францускиот интернационалец, Елиакуим Мангала.