Бдеења во Бугарија за убиената новинарка, ЕУ повикува на брза истрага

Водечките европски политичари, како и активисти, ги повикаа властите во Бугарја да спроведат брза истрага за убиството на новинарката Викторија Маринова, што е трето убиство на новинар во Европската унија во последните нецели дванаесет месеци, а низ целата земја се најавени бденија.

Телото на триесетгодишната новинарка Викторија Маринова беше пронајдено во саботата недалеку од реката во градскиот парк на нејзиниот роден град Русе на Дунав во северна Бугарија. Обвинителството објави дека била силувана, претепана и задавена.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов, кој отпатува во Русе за лично да ја надгледува истрагата во понеделникот, изјави дека засега нема докази дека убиството е поврзано со нејзината новинараска работа.

Меѓутоа, медиумите се насочија на нејзината неодамнешна работа. Имено, во својата последна телевизиска емисија од 30-ти септември, Маринова се занимавала со новинарите кои го истражувале наводниот случај на корупција поврзан со користење на фондовите од ЕУ. Вети дека нејзината од неодамна покрената емисија ќе направи повеќе и ќе спроведе своја истрага. Маринова, која има 7-годишна ќерка, била вклучена во истрагата на група бугарски новинари за инфраструктурни проекти коишто ги финансира ЕУ, а со коишто управувале локални власти.

„Ме шокираше ужасното убиство на Викторија Маринова. Повторно храбра новинарка падна во борбата за вистината и против корупцијата. Бугарските власти мораат итно да ги изведат одговорните пред лицето на правдата“, објави на Twitter првиот потпретседател на Европската комисија, Јан Тимерманс.

Европската партија на Зелените соопшти дека бугарските власти треба да покажат дека биле „сериозни во поглед на заштитата на новинарите кои се темел на функционалната демократија“.

Маринова е третиот новинар убиен во земја членка на Европската унија во последните дванаесет месеци. Дафне Каруана Галиција, истражувачка новинарка од Малта, е убиен кога бомба го разнесе нејзиниот автомобил во октомври минатата година, а словачкиот новинар Јан Куциак и неговата вереница беа егзекутирани од огнено оружје во февруари годинава. Сите работеле на теми поврзани со слуачи на корупција на властите.

Бдеења се планирани во Софија, Русе и во северните градови Видин и Плевен. „ДНК ќе го открие убиецот на Вики“, пишува во понделникот на насловната страница весникот Стандард. Маринова работеше за телевизијата ТВН од Русе на којашто се емитуваше нејзината емисија „Детектор“. Меѓународната организација Репортери без граници соопшти дека и другите новинари од ТВН би требало да добијат полициска заштита во текот на истрагата. Комитетот за заштита на новинарите наведува дека е „шокиран од ова варварско убиство“.

Бугарија е на 111-то место меѓу 180-те земји на годинешниот индекс на слободата на медиумите во светот коешто го составуваат Репортери без граници (Reporters Sans Frontières – RSF), што претставува најниското место коешто го зазема една земја членка на Европската унија и пониско од која и да е друга земја од регионот на западен Балкан, од кои некои се кандидатки за членство во ЕУ.

Во октомври минатата 2017 година стотици бугарски новинари протестираа во центарот на престолнината Софија поради заканите кои до најголемите медиумски и телевизиски куќи ги упати вицепремиерот Валери Симеонов, обвинувајќи ги дека водат кампања против него.